Гевгелија тапка во место – на местото предвидено за бунари со чиста вода, си расте трева!

by Фокус

Четири месеци по најавата за почеток на ископувањата на нови бунари за водоснабдување на Гевгелија, од работната машинерија нема ниту трага на локацијата. Членовите на иницијативата „Арсена“ од Гевгелија денеска го посетиле местото каде што во  февруари годинава беше најавено дека започнуваат ископувањата на нови бунари за вода во ревирот кај
Вардар за снабдување на општина Гевгелија со чиста вода за пиење.

Најавата следуваше откако беше констатирано во водата што тече од гевгелиските чешми има недозволива концентрација на арсен.

Во февруари годинава, новите бунари беа помпезно најавени, а на најавата за ископувањата, како што може да се види и од фотографијата, присуствуваше и државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Соња Лепиткова.

Но, наместо спроведување на проектот кој беше назначен како еден од приоритетите на Владата и на општината Гевгелија во националната програма за водоснабдување, сега, 4 месеци подоцна, на ова место може да се види само ледина и самоникната трева.

Од „Арсена“ порачуваат дека крајната цел на нивната иницијатива е да се подигне нивото на  свест кај надлежните за решавање на овој проблем со водоснабдувањето на гевгеличани, но и изнаоѓање трајно решение за чиста и здрава вода за пиење.

Дотогаш, порачуваат дека како олеснување на граѓаните очекуваат да биде прифатена нивната иницијатива доставена до Советот на општина Гевгелија за намалување на цената на водата на ниво на техничка вода.

 

Поврзани новости