Од Обвинителство информираа дека е отворена истрага против маж кој е осомничен дека сексуално злоупотребувал 8 годишно дете, кое заедно со уште две мали деца му биле доверени на чување.
-Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило продолжено кривично дело – Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член 188 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на кого родителите му ги доверувале на чување трите деца на возраст од 8, 6 и 2 години, искористувал исти прилики и во повеќе наврати вршел кривично дело обљуба врз најстарото дете, велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека осомничениот е во притвор.
-Бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе се даде во бегство, ќе ја попречува истагата со влијание врз сведоците и соучесниците и дека ќе го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор.
Судијата за претходна постапка го прифати предлогот и му определи мерка притвор во траење од 30 дена, информираат од Обвинителството.