Пониски цени за парното треба да очекуваат скопјани од следната година кога ќе почнат да се греат на парното на Градски енергетски системи (ГЕС), објави ПлусИнфо. Новиот снабдувач со топлина треба да донесе и изедначување на условите за снабдување со топлина на ниво на целиот град бидејќи ќе треба да обезбеди единствен систем од сегашните три БЕГ, Скопје Север и ЕДМ Енергетика.
Градски енергетски системи се очекува во рокот од 60 дена да добие одговор на барањето за добивање лиценца за снабдување и дистрибуција на топлинска енергија. Барањето до Регулаторната комисија за енергетика ГЕС го достави на 14 октомври по што тече и рокот за одговор. Во прилог на Барањето за издавање на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија е поднесена документација со која се потврдува дека АД ГЕС-СКОПЈЕ е единствено правно лице кое има востановено трајно право на користење на недвижни ствари-линиски инфраструктурни објекти, енергетска инфраструктура-топловоди во сопственост на државата.
– Кога и да го добиеме одговорот за лиценцата, ние ќе бидеме подготвени да го преземе снабдувањето со топлинска енергија без проблеми. За граѓаните е важно да кажам дека при преземањето на снабдувањето нема да има никакви исклучувања или падови во затоплувањето. Напротив, тие треба да очекуваат еднакво снабдување и еднакви цени на територијата на градот каде што сега снабдуваат БЕГ и Скопје Север, а подоцна и на територијата каде што со топлина снабдува ЕСМ Енергетика – вели диркеторката на ГЕС Александра Маројевиќ.
Од преоѓањето на системот за парно од приватен во јавен сектор, според Маројевиќ, ќе има најмногу погодности за граѓаните.
– Најпрво граѓаните кои се снабдуваа со топлина од Скопје Север ќе плаќаат пониски цени за парното за 15 отсто, бидејќи ќе има изедначување на цената како единствен снабдувач. Очекуваме и намалување на цените за сите граѓани кои се греат на парно бидејќи системот ќе функционира единствено. Планирано е и субвенционирање на граѓаните кои ќе преминат од друг енергенс на загревање со парно и други поволности – вели Маројевиќ.