Германскиот парламент – Бундестагот, в четврток, 15 јуни, ќе расправа за процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија и се очекува да усвои резолуција со која се реафирмираат македонскиот идентитет и јазик на тој пат, потврдуваат во интервју за „360 степени“ пратениците во Бундестагот, Томас Хакер и Борис Мијатовиќ.
Најавата на веб-страницата на германскиот парламент за дебатата на оваа тема е илустрирана со сложувалка во која еден дел од знамето на ЕУ е македонското државно знаме. На резолуцијата треба да се гледа во контекст на домашната политичка дебата за уставните измени и на барањата на опозицијата за дополнителни гаранции.
-Зборуваме за резолуција – германскиот парламент зборува за проширување на ЕУ и германскиот парламент би сакал да нагласи дека секој напредок во оваа насока е добредојден, особено напредокот што Северна Македонија го направи во изминатите години, кој е извонреден и би сакале да го поддржиме. Кога станува збор за тешки теми, би сакале да кажеме дека го поздравуваме проширувањето на културниот и социјален диверзитет на ЕУ. Македонскиот јазик е добредојден, македонскиот народ е добредојден, државата – Северна Македонија е добредојдена да ѝ се приклучи на ЕУ и ние сакаме, во детали, да кажеме – во ред, сега е моментот да ги впериме рефлекторите, да ѝ покажеме на ЕУ дека има напредок во проширувањето, дека граѓаните прават напори да ѝ се обратат на ЕУ за членство и ние тоа го поздравуваме. Ова се главните поенти за кои зборуваме, а има и уште неколку точки. Во резолуцијата може да видите дека им велиме добредојде на граѓаните на Северна Македонија во диверзитетот што веќе го имате и во кој веќе живеете, вие сте многу добар пример за мирољубива коегзистенција на многу култури, наследства, религии и вие сте повеќе од добредојдени да ѝ се приклучите на ЕУ, вели за „360 степени“, Борис Мијатовиќ.