Германски медиуми: Киев ќе го повлече од функција украинскиот амбасадор во Берлин

by Fokus

Украинскиот амбасадор во Берлин Андри Мелњук е отповикан од должноста и наскоро ќе биде повлечен назад во Киев, пишуваат германските весници.

Отповиканиот дипломат е познат во Германија по неговите остри критики упатени на адреса на германската Влада поради нејзината политика кон Украина, особено бавната испорака на оружје за украинските сили во борбата против руската армија.

Мелњук (46) минатата седмица беше критикуван поради тоа што јавно се произнесе во одбрана на националистичкиот лидер Степан Бандера кој почина во 1959 година, предводникот на група милитанти кои се сметаат одговорни за етничко чистење и масакр на десетици илјади Пољаци. Исто така Бандера беше обвинет за соработка со Нацистичка Германија.

Изјавите на Мелник меѓу останатите беа остро критикувани од Варшава и Израелската амбасада во Берлин. Украинското Министерство за надворешни работи тогаш соопшти дека Мелник го изразил својот личен, а не ставот на Министерството.

Весникот „Билд“, повикувајќи се на неколку извори во Киев, денеска објави дека Мелник би можел да биде повлечен веќе есенва, но и оти би можел да биде поставен на функцијата заменик-министер за надворешни работи.

Друг влијателен дневен весник, „Зидојче Цајтунг“, цитира извори блиски до украинскиот претседателски кабинет според кои Мелник ќе ја напушти функцијата во Берлин и ќе се пресели во Киев.

Ниту владата во Киев, ниту самиот Мелник не одговориле на повиците за коментар

Поврзани новости