Германската амбасадорка Анке Холштајн во интервју за емисијата „Трилинг“ вели дека заедничка цел на германското претседавање со ЕУ и Македонија е одржувањето на првата Меѓвладина конференција уште оваа година. Се осврна и на вработувањето на македонски кадри во Германија.
-Во однос на миграцијата сакаме особено да се осврнеме и на регионот овде. Важно ни е да ја разгледаме демократската ситуација, да се занимаваме со феноменот „одлив на мозоци„ и со неговите последици особено за младата генерација , а во врска со тоа во октомври треба да се одржи конференција, на која ќе се дискутира како би можеле да постигнеме win-win-ситуација. Вработувањето за одреден вид квалифицирани стручни работни сили секогаш беше можно, значи никогаш не беше прекинато, тука спаѓаат на пример здравствениот персонал за нега. Од јули повторно примаме барања за работни визи за квалифицирана работна сила. Така наречената регулатива за Западен Балкан, која беше основа за вработување на неквалифицирана работна сила без познавање на јазикот, начелно беше ограничена до крајот на 2020 година. Во тој однос, Сојузната Влада изработи последователна регулатива, која треба да стапи во сила од 1 јануари 2021 година. Таа регулатива е многу слична, меѓутоа предвидува контингенти. Предвидена е бројка од 25.000 лица од регионот на годишно ниво. Може да се мисли дека тоа е малку, но реално досега околу 27.000 лица годишно се доселија во Германија за да стапат во работен однос. Значи ќе има од прилика истиата бројка. Колкав навистина ќе биде контингентот за Северна Македонија сé уште се дискутира, вели Холштајн.
Таа вели дека е формирањето влада само шест недели по изборите е успех кој заслужува почит и со кој Северна Македонија и оние, кои тоа го спровеле можат да се гордеат.
-Во однос на приближување на ЕУ примарно станува збор за вредности. Кога сакате да станете членка на ЕУ, тогаш мора да ги прифатите тие вредности и да ги примените кај себе. Aquis communitaire, кој е познат, е извонредна можност за модернизација на земјата. За натамошниот напредок на земјата и за приближувањето кон ЕУ е неизбежно конструктивна соработка помеѓу Владата и опозицијата, а тоа е нешто што на секој политичар во земјата радо му го кажувам. Тоа подразбира двата збора: конструктивно и соработка, вели германската амбасадорка.