Германија, која претседава со Европската Унија смета дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка за проширување на Унијата.
Нивната амбасадорка во земјава, Анке Холштајн, коментирајќи го меморандумот што Бугарија го испрати до земјите – членки на ЕУ во врска со односите со Северна Македонија, пред најавената прва меѓувладина конференција, вели дека во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира овој процес.
-Бугарија, овие барања ги има кажано на другите земји членки на почетокот на август. Ние, и според моите сознанија, сите други земји членки се на мислење дека билатерални проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално. Бугарија секогаш беше голем поддржувач на европското придвижување на регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот за проширување на Европската Унија во овој регион, вели амбасадорката Холштајн во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Германската амбасадорка во земјава се надева дека земјите – членки ќе постигнат договор за преговарачката рамка и дека одржувањето на првата меѓувладина седница како заедничка цел меѓу Германија и Северна Македонија, ќе се случи во декември.
Во делот на политиката за проширување, навистина одржувањето на првата меѓувладина конференција, односно официјалниот старт на разговорите за проширување со Северна Македонија е нашата голема цел која е заедничка цел и на Германија и на Северна Македонија. Треба во рамките на Европската Унија да се договориме во однос на преговарачката рамка за која моментално се дискутира во Брисел, кога ќе се постигне договор за тоа, може да дадеме и датум за првата меѓувладина конференција и се надеваме дека тоа ќе се случи во декември, вели таа во интервјуто.
Во меморандумот, официјална Софија посочува дека главните отворени прашања помеѓу неа и Скопје се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања, и притоа обвинува за наводна „државна антибугарска идеологија“. Бугарија ги повикува властите во Скопје да „раскинат со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија“, кое според Бугарија било причина за „етничкиот инженеринг“ во Северна Македонија.
Од Владата вчера истакнаа дека тврдењата и изјавите кои содржат навреди, се оценува дека не водат кон пријателство, посочувајќи дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработкасоздава правна рамка и нуди инструменти за менаџирање на билатералните прашања.