Германија треба што е можно поскоро да донесе концепт за борба против можниот нов бран на пандемијата на коронавирус наесен, изјави денеска сојузниот министер за правда Марко Бушман.
„Најверојатно ќе го претставиме концептот за борба против коронавирусот за есен во текот на јули“, рече Бушман во интервју за дневниот весник „Велт ам Зонтаг“.
Тој рече дека во рамки на новиот концепт „заштитната маска ќе игра посилна улога“, што би значело евентуално враќање на обврската за носење маски во затворени простори.
Според Бушман, мерките ќе бидат приспособени на досегашните податоци од теренот, односно зачестеноста на заразите.
Сепак, тој ја отфрли можноста за повторно воведување мерки како што се заклучување или затворање училишта.
Сојузниот министер за здравство Карл Лаутербах во неколку наврати во последните денови ги предупреди граѓаните за новите пандемиски бранови што се очекуваат во Германија на есен и зима.