Германскиот парламент Бундестаг го усвои Законот за заштита од зараза кој овозможува понатамошна примена на мерките против пандемијата откако ќе истечат по прогласувањето на вонредната епидемиолошка состојба на 25 ноември.
Со новиот закон меѓу другото се предвидува воведување на правилото 3Г на работните места и средствата за јавен превоз. Тоа значи дека граѓаните ќе можат на работа или во јавен превоз само ако се вакцинирани, негативно тестирани или прележани од ковид.
Поради противењето на конзервативните партии во Бундестагот неизвесно е дали законскиот предлог утре ќе помине во Бундесратот, односно советот во којшто се застапени сите сојузни покраини и којшто активно делува во законодавството. Ако Бундесратот не го поддржи законскиот предлог и не дојде до продлжување на вонредната епидемиолошка состојба, сојузните покраини ги губат правните темели за своите мерки за сузбивање на пандемијата.
Додека политичарите спорат околу новиот Закон, бројот на нови случаи на заразени непрекинато расте. – Ќе имаме навистина лош Божик ако сега не преземеме нешто, предупреди Лотар Вилер, претседател на Институтот Роберт Кох.
Германската агенција за контрола на болести „Институт Роберт Кох“ денеска соопшти дека во еден ден биле пријавени 65.371 новопотврдени случаи, со што продолжил нагорниот тренд за кој експертите предупредуваат со недели. Вилер рече дека Германија треба да ја зголеми стапката на вакцинација на значително над 75 отсто, од сегашните 67,7 отсто.
Вилер повика на затворање на клубовите и баровите, суспендирање на големите настани и ограничување на пристапот до многу делови од јавниот живот на оние кои се вакцинирани или имаат сертификати за закрепнување од ковид.
Тој предупреди дека болниците низ Германија се борат да најдат кревети за пациенти со ковид-19 и за оние со други болести.