Специјалниот ополномоштеник за Западен Балкан, Турција и државите на ЕФТА, д-р Ернст Рајхел, пред два дена го поканил на разговор македонскиот амбасадор во Германија, Сашо Марковски, во Mинистерството за надворешни работи, за да му ги пренесе разочарувањето и загриженоста на Сојузната Влада за имплементацијата на спогодбата од Пржино, која сѐ уште изостанува, соопшти германската амбасада.
Рајхел истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ мора да ја покаже потребната волја и најбрзо што може конструктивно да ги спроведе Спогодбите од 2 јуни и 15 јули 2015 година.
Како што соопштуваат од германската амбасада, понатамошно неспроведување ќе има последици врз оценувањето на земјата од страна на Европската комисија во претстојниот извештај за напредок. Рајхел истакнал дека СДСМ мора и понатаму да се однесува конструктивно и да се придржува до обврските преземени со спогодбата од Пржино, особено да не објавува понатамошни снимки од телефонски разговори.