Со центарци нема шега, тоа ВМРО-ДПМНЕ најдобро го знае – вака кандидатот за градоначалник на Центар на СДСМ Горан Герасимовски го започна своето обраќање на денешната промотивна конвенција на Јадран Сквер.
-Со проширување на дејноста на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ во комунално претпријатие, општината ќе обезбеди чисти улици и паркови секаде и секогаш. Во инфраструктурните инвестиции предвидени се нови градинки во населбите Пролет и Маџир Маало, како и доградба на училници во ООУ „Коле Неделковски“. Посебен фокус ќе бидат младите, поддршката за нив и стимулацијата да напредуваат во секој аспект. Токму затоа максимум ќе вложуваме во нивниот развој, обезбедувајќи финансиска поддршка, но и подобри услуги на локално ниво – рече Герасимовски.
Во инфраструктурата, додаде тој, рече дека фокусот ќе го стави во нови вело-патеки и на обезбедување доволно и гарантирани паркинг- места за центарци.
-Истовремено, наша голема заложба е ослободување и обновување на зелените површини во центарот на градот. Во таа насока, на местото на ПУИК ќе се постави нов парк и монтажен паркинг со 296 паркинг-места. Планирана е изградба на мала општинска административна зграда, со што ќе го ослободиме просторот каде што во моментов се наоѓаат општинските бараки. Овој дел ќе биде хортикултурно уреден и ќе биде поставена модерна урбана опрема – изјави Герасимовски.
Тој го потенцираше ревидирањето на преостанатите ДУП-ови како особено важно, бидејќи, како што рече, урбанизацијата ќе ја води заедно со граѓаните со цел повеќе градинки, паркови и игралишта, а помалку згради и бетон.