Бројот на позитивни расте и на хоспитализирани расте во Штип, мораме заеднички во оваа борба, или сите ќе победиме или сите ќе изгубиме, порача директорот на штипскиот клинички центар Ален Георгиев.
„Короната ја има и уште ќе живееме со неа, на работа, во маркет, во аптека, во пиљара, во кафуле… Маска, дезинфекција и дистанца со секој, посебно со незаштитените. Игнорирај поддржувачи на теории на заговор, непризнавачи на корона. Ја има, прашајте ги оние 24 лежечки болни кај нас како им е. Штитејќи се себеси, ги штитите вашите најблиски, а и медицинскиот персонал“, напиша Георгиев на фејсбук.
Тој додава дека штипската клиничка болница е регионален центар за борба со корона.
„Повеќе од 3 месеци доктори, медицински сестри и техничари, лаборанти, рентген техничари се грижат за здравјето на Источна Македонија, ама се загрижени и за своето здравје, здравјето на нивните деца и родители. Помогнете ни, поддржете не и верувајте во нас, за заедно да го победиме ова зло“, порача Георгиев.