Уште на крајот на јануари оваа година, првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов алармираше за карпата од 20 тони која виси над браната „Матка“ во Скопје.
Оттогаш, од досегашните информации, не е преземено ништо, а обидите да добиеме информации од Стојанче Ангелов во врска со тој случај, барем засега се безуспешни.
Геологот Сашо Георгиевски за „Фокус“ даде своја анализа околу таа ситуација, потенцирајќи дека проблемот не е воопшто наивен.
„Опасноста на конкретниот процес е во рангот на ургентност и има потреба од брзо решавање на проблемот и санација на карпата. Станува збор за маса со големи размери, а што е многу важно, нестабилноста како појава тука е од активен карактер, а за тоа влијаат едногените и егзогените фактори, структурно-тектонските карактеристики, пред се лошата морфологија и нагиб на теренот кои дополнително влијаат на нестабилноста. Евентуалниот пад може да донесе штета и несреќа – хазард состојба од солидни размери, а во вакви ситуации многу време за чекање не е потребно – вакви појави и процеси во карпестите масиви во стрмни терени се честа појава за која нема правилно и нема време за чекање и за ризици“, анализира Георгиевски.
Уште колку време може да издржи и дали може со сигурност карпата да падне, не може да се прецизира, но во секој случај, „подобро е да се спречи, отколку да се лечи“.
„За вакви примери не треба да се чека карпата да падне или да се одрони, а со себе да повлече и останати маси кои се во корелација со неа. За тоа постојат специјални и докажани истражувања и испитувања кои даваат јасна геотехничка слика за конкретно техничко решение за санација. За оваа придонесуваат процесите на ерозија кои практично ја оголуваат карпата“, додава тој.
Потенцијален пад на карпата може да доведе до многу проблеми, кои се како домино ефект – поврзани се еден со друг.
„Процесот на ерозија и процесот на свлекување даваат доволен аларм за превземање на потребни и соодветни активности, кои како и секаде во светот и кај нас се работата по јасно прецизирани методи. Објектите во близина се со потенцијална опасност затоа што се можни одронувања на карпестите масиви и свлекувања на масите кои поради лошата морфологија на теренот се многу поголеми од самиот прв впечаток на габаритот на карпестиот блок“, додава нашиот соговорник.
Овој проблем би се решил само со конкретни активности, а совет е што побрзо да се интервенира за ваквата ситуација.
„Треба инженерскогеолошко и хидрогеолошко картрање на блокот, но и околниот терен, геофизички истражувања, геотехнички и геомеханички испитувања на теренски опити за добивање на структурно-тектонскиот склоп на материјалите, степенот на ерозијата, земањ на примероци за испитување на физичките својства, бабрење и собирање, жилавоста, абењето, јакоста на притисок, степенот на распуканост, тектониката, јакост на смолкнување, деформабилност, тврдина, впивање на влага, структурни карактеристики, деформабилност на монолит, абразивност и скоја геолошка појава и процес кои се во корелација“, го заврши разговорот Георгиевски.
Јорданчо Цветаноски