Генерал Суровкин е уапсен, тврдат извори од американското разузнавање

by Fokus

Мистеријата околу тоа каде се наоѓа вториот во командата на руските инвазивни сили, генерал Сергеј Суровикин, продолжува.

Вчера Москва тајмс, повикувајќи се на извори, објави дека Суровикин е уапсен, а потоа истата информација ја потврди и Фајненшл тајмс.

Во меѓувреме се огласи ќерката на Суровикин која тврди дека нејзиниот татко бил на работа и не бил приведен. Суровикин, познат и како „Генерал Армагедон“, наводно не е виден од саботата, кога заврши еднодневниот Вагнеров бунт.

Сега и Асошиетед прес пишува дека Суровикин е приведен.

Две лица запознаени со случајот изјавија за АП дека генералот Суровикин е во притвор, иако не е јасно дали ќе биде обвинет или каде се наоѓа. Изворите ги цитираа американското и украинското разузнавање.

Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, претходно зборуваше позитивно за Суровикин и предложи тој да биде назначен за началник на Генералштабот.

Суровикин, кој е и командант на руските воздухопловни сили има долгогодишни врски со Пригожин.

Њујорк Тајмс, исто така, објави дека генералот однапред знаел за планот за бунт на групата Вагнер.

Имаше интензивни шпекулации дека некои високи воени офицери можеби биле поврзани со платеничката група и сега може да се соочат со казна за бунт.

Поврзани новости