Пријатно сме изненадени од искреноста на министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој отворено ни „укажа да одиме по ѓаволите“. Пораката е упатена до сите оние кои воопшто не беа воодушевени од политиките на „Пастирот”, но не покажуваат ентузијазам и кон политиките на „Духовниот реформатор”, реагира ГДУ.
– Без еуфемизми, кратко и јасно е укажано дека еднаш востановеното мото „Согласно Уставот и законите”, e мантра која со задоволство е прегрната и од овој „владин состав”. На јавноста и останува во иднина да биде особено внимателна какви „врски” воспоставува, затоа што лесно може да се случи резултатите од нив да се во спротивност со „кадровската политика” на власта. Овој „ударнички бран” на вработувања на „најдобрите” e одлична предигра на претстојните избори – какви и да се. Граѓанско Демократската Унија ги охрабрува и останатите членови од кабинетот на премиерот да го следат примерот на нивниот колега Манчевски и да ја поделат својата искреност со јавноста, се наведува во соопштението.