Левичарското движење „Солидарност“ реагира дека иако по втор пат ќе се менува Законот за минимална плата сепак во него ќе остане членот 6, кој според „Солидарност“ е рак-раната на овој закон.
– Со овие измени се планира да се воведат нешто повисоки парични казни за работодавачите кои нема да исплатат минимална плата. Но, фамозниот член 6 од овој закон, кој предвидува првиот пат кога инспекторот за труд ќе утврди неисплата на минимална плата да го „казни“ тој работодавач со покана за едукација (!), ниту во февруари ниту сега не е планирано да биде укинат. Едно од барањата на протестот за Први Мај оваа година беше укинување на овој член од Законот за минимална плата, кој фактички е рак-раната на овој закон и една од основните причини зошто овој закон слабо се применува во практиката – велат од „Солидарност“.
Оттаму потсетуваат дека не е поднесена ниту една прекршочна пријава за неисплатена минимална плата во целата 2012, првата година од примената на Законот за минимална плата, како и во првите четири месеци од 2013 година.