Гавровска Лукиќ: Медицинската сестра мора да биде заштитена!

by fokus

Подолг временски период се намалува бројот на медицински сестри на работните места, се создава суфицитарен кадар со отворање на многу средни медицински школи, платите подолго време не се зголемени, нема степенување во платите, нема мотивација, а условите во кои тие работат не се секаде исти.

Ова пред почетокот на редовното годишно Собрание на Комората на здравствени работници на Република Македонија го истакна претседателот на Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки, Велка Гавровска Лукиќ, која рече дека медицинските сестри заминуваат во странство да работат поради ниските плати во земјава.

Мора професијата да биде заштитена и респектирана, посочи таа и додаде дека многу сестри заминале во приватното здравство.

Таа потенцира дека бараат да имаат тело кое ќе ја регулира и контролира нивната професија.

– Мора да се знае кои се компетенциите, тоа мора да се определи. Не може сите да работат исто и исто да бидат платени. Не може да не се признае неформалното образование кај сестри, мислам на постари сестри кои се специјализирани во одредена група и се ментори на работното место на помладите сестри. Мора да бидат мотивирани и наградени. Предложивме измени во Законот за здравтвена заштита. Најавено е дека во 2019 година ќе има измени во каталогот на занимања… – додаде Гавровска Лукиќ.

Поврзани новости