Измените на Кривичниот законик се направија за да се амнестира избеганиот поранешен премиер Никола Груевски со цел да се обезбеди поддршка за уставните измени.
Ова меѓудругото синоќа во гостување на тв Алсат го изјави лидерот на Алтернатива – Африм Гаши.
Тој тврди дека партијата има информации дека владина делегација била во Будимпешта и договорала лично со Груевски за кои предмети тој да биде амнестиран.
„По изгласувањето на Кривичниот законик јас се срамам што сум пратеник“, рече Гаши.
Според него, враќањето на Груевски има и уште една цел.
„Владина делегација и високи преставници на Министерството за правда отишле таму и заедно со Груевски ги разгледале предметите во кои тој е осуден во отсуство и е обвинет и ги разгледувале можностите како со овие измени во Кривичниот законик тој да може да се врати во Македонија. За оние предмети за кои е осуден да се повтори судскиот процес, а за другите да се амнестира или тие едноставно да застарат“, изјави Гаши.
„Нашите информации се дека на сцената се нечесни игри. За да поминат уставните измени се организира враќање на Греувски, а тој всушност го започна уништувањето на Македонија и беше најголемиот анти-Албанец премиер до сега. Сите знаеме како ги поминаа Албанците тие 11 години владеење, колку злосторства, колку монтирани процеси беа организирани од негова страна“, рече Гаши.
Според лидерот на Алтернатива, некој сега се обидува Груевски да го донесе во земјава сакајќи и да направи раздрор во друга партија и да остане на власт.
Гаши тврди дека Ахмети ги молел меѓународните претставници за амнестија на Никола Груевски.