Собранието на Република Северна Македонија пред неколку месеци донесе Декларација со која ја одбележавме четвртата годишнина од членството на земјата во НАТО и 75-та годишнина од формирањето на Алијансата, со што манифестиравме свесност за oдговорноста за исполнување на обврските кои произлегуваат од членството во НАТО и придонесот во остварувањето на колективната одбрана, порача претседателот на Собранието, Африм Гаши во своето обраќање на Парламентарниот самит во рамки на Самитот на НАТО во Вашингтон САД.
„Како Собрание уште во иницијалната фаза дадовме поддршка и сеуште остануваме кон заедничката одлука на Парламентарното собрание на НАТО за одбрана на споделените демократски вредности преку основање Центар за демократска отпорност во седиштето на НАТО, што уште еднаш беше потврдено и преку Декларацијата усвоена на неодамнешната Пролетна сесија во Софија. Свесни сме дека сме земја-членка на НАТО во фрагилен регион каде не се сите држави членки на НАТО или имаат различен степен на партнерство со Алијансата, но многу малигни надворешни влијанија, но ние и понатаму остануваме посветени во промовирање на атмосфера и политика на регионална стабилност. Тоа го реализираме преку продолжување на конкретниот придонес во НАТО операцијата КФОР во Косово, а во светло на актуелните безбедносни предизвици активни сме во НАТО мисијата во Ирак и безрезервната поддршка на Украина. Овие предизвици наметнуваат и подигнување на нивото на единственото и суштинско партнерство со Европската Унија со цел да се зајакне нејзината стратешка комплементарност со НАТО. Сите земји-членки и нивните парламенти треба да посветат особено внимание на Структурниот дијалог НАТО – ЕУ кој опфаќа отпорност, заштита на критичната инфраструктура, континуирана поддршка за Украина и подобрување на капацитетите на одбранбената индустрија.
И секако, би сакал да ја споменам и нагласам важноста од нашата вокалност, гласноста на парламентите и парламентарците, како незаменлив демократски инструмент за калибрирање на сите граѓански потреби и приоритети – без парламентите, владите се немоќни во реализирањето на поставените стратешки цели. Без парламентите, нема широка поддршка на владините политики. И во овој контекст сакам да ја акцентирам незаменливата улога и придонесот на Парламентарното собрание на НАТО како врска помеѓу парламентите и луѓето од Алијансата и НАТО, покажана низ неговата посветена работа и јасна визија“ нагласи Гаши.