Претседателот и пратеник на БЕСА, Африм Гаши, вели дека гласал вчера за Законот за употреба на јазиците и покрај тоа што на листингот од Собранието се уште до неговото име стои дека не гласал. Како една од причините за тоа вели дека може да е електрониката во собраниската сала, која не го регистрирала неговиот глас. Но се сомнева, како што вели, дека тоа било намерно така направено.
-Сигурно има нешто, може да е намерно направено. Како може само јас и Села според листингот да не сме гласале. Има некоја тенденција, но ако немаме докази не можеме да тврдиме – вели Гаши за „Фокус“.
Тој ќе побара од Собранието да испрати соопштение до јавноста каде ќе објасни зошто погрешно се регистрирани нивните гласови. Исто така Гаши бара да биде објавен видео материјалот од гласањето по бадинтер со кревање на рацете, како јавноста би се уверила дека тој го дал својот глас за Законот.
-Со ова се нарушува мојот углед. Не сакам во Собранието во архивата да стои дека не сум гласал – вели тој.
М.В.