Гарнитури, кујни и ормари од 350.000 евра за ентериерот на МЕПСО

by fokus

Државната компанија МЕПСО ќе се опремува со ентериер во вредност од 350.000 евра. Толку треба да чинат кујните, канцеларискиот мебел и гарнитурите за седење кои ќе ги набави МЕПСО преку тендерска постапка.

Во описот на набавката е наведено дека со овие средства треба да се купат и столици, гардеробери, сталажи и ормари.

Огласот за мебел е објавен вчера на страната на Бирото за јавни набавки. МЕПСО предвидува дека набавката ќе чини околу 350.000 евра. Фирмите имаат рок до септември да достават понуда.

Седиштето на МЕПСО е инаку една од зградите кои беа подложени на барокна реконструкција за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Објектот доби антички столбови и стилизиран покрив.

Одлуката за фасадна реконструкција беше образложена со објаснување дека „со новото фасадно решение на објектот, тој ќе добие усогласување со контекстот на градбите во непосредна близина на објектот, како и подобрување на енергетската ефикасност и заштеда во трошоците за одржување на објектот“.

За рефасадирањето на зградата до сега се потрошени околу 11 милиони евра.

Поврзани новости