Примената на мерката за гарантираните цени завршува на крајот од месецов и нема да биде продолжена. Ред во оваа сфера ќе се воведе со законот за нефер трговски практики кој е во собраниска процедура.
Ова за државната МИА го изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.
„Законското решение со кое се става ред во нелојалната конкуренција во трговијата и се воведуваат фер практики помеѓу трговците и добавувачите во синџирот со земјоделски и прехранбени производи се очекува оваа недела да влезе во второ читање во комисиите во Собранието, посочи Бектеши.
Министерството за економија лани на 20 септември донесе Одлука за изменување на одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување на највисоки цени на одделни производи во трговијата на мало, како и обврска трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количество на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед што беше објавена во Службен весник и важи до 29 февруари годинава.
Од први март ознаката „гарантирана цена“ ќе биде отстранета од голем број артикли – ориз, брашно, бел и полубел леб, тестенини, млеко и млечни производи, месо и сувомесни производи, јајца, бисквити, пијалаци…