Златната буба мара на ДНК и Врчак му донесе 11.000 евра на Леонид: Кога институциите не можат, народот докажува дека солидарноста може!

by Fokus

Сума од 690.000 денари, односно над 11.000 евра е собрана на лицитацијата на Златната буба мара, која годинава ја освои музичкото ДНК и Врчак на манифестацијата ,,Златна буба мара на популарноста” за најдобар песна во 2023 година.

Музичарите ја ставија на лицитација наградата, а средствата собрани од продажбата се наменети за младиот Леонид Индов (18), кому Фондот одби да му го покрие лекувањето на клиника во Виена.

Иако наградата се продала за сума од 250.000 денари на Кирче Митерски од Охрид, сепак и други хумани граѓани кои учествувале на лицитацијата, решиле понудените средства да ги донираат на сметката на Леонид, со што се дошло до сумата од 690.000 денари.

-И официјално заврши лицитацијата за помош на Лео, преку која наградата Златна Бубамара на Популарноста заврши во рацете на Митрески Кирче од Охрид кој ја даде најголемата понуда во износ од 250.000 денари.

Премногу сме благодарни, не само на него, туку и на сите вас кои учествувавте во лицитацијата, или ја споделувавте со цел да стигне до што повеќе луѓе.
Во исто време, сакаме да ви соопштиме една преубава вест, и воедно да им искажеме огромна благодарност и на господата кои беа дел од лицитацијата: Филип Патриклиски од Eam T-shirts, кој понуди 150.000 денари и Живко Коцев (90.000 денари), како и компанијата Електрик Диспеч (200.000 денари), понуди кои иако не беа највисоки сепак решија да ги донираат за Лео.

Со ова, тоталната сума изнесува неверојатни 690.000 денари, со што Македонија уште еднаш покажа дека е хумана нација, и нација со огромно срце-соопштија музичарите.

Случајот со Леонид се најде во центарот на вниманието, откако момчето првин беше транспортирано пред камери со државен хеликоптер на лекување во Виена, а потоа одбиено од страна на Фондот за здравствено осигурување, бидејќи со закон било утврдено дека ФЗО не може да ги покрие трошоците за специјализирана медицинска рехабилитација, иако кај нас нема каде да се лекува или пак соодветно рехабилитира со таква дијагноза -параплегија, но и огромни декубитусни рани.

Поради законот стар повеќе од две децении Леонид, но и Јани Иванов (20) од Неготино, кој се соочува со иста дијагноза, принудени се со помош на донации да си го платат лекувањето во странство. Иванов, благодарение на донациите веќе 14 месеци се лекува во соседна Грција. За состојбата на момчињата која значително се влошила на нашите клиники сведочеа и нивните родители.

И додека е најавено да се започне со иницијатива за законски измени на Фондот, хуманите граѓани продолжуваат со разни акции за собирање на средства за младите момчиња.

Вики Клинчарова

Поврзани новости