(ГАЛЕРИЈА) Со жива музика и оро се отвори современ планинарски дом во неготинско

by fokus

Љубителите на планинарењето добија ново катче, современо опремен планинарски дом кој свечено се отвори во Горни Дисан, Неготино.

Претседател на домот е Ахмед Муратов од ,,Free hikers”, а на отворањето дојдоа стотици гости од регионот, но и од речиси сите градови во Македонија.

Како што појаснуваат планинари од ,,Free hikers”, планинарскиот дом го носи името на големиот хуманитарец Дедо Иљо Јанчев, човек од Горни Дисан за кого локалното население вели дека нема куќа во селото на која своевремено не и помогнал.

На отворањето беше присутен синот на дедо Иљо, но и неготинскиот градоначалник д-р Горан Стојанов.

-Домот е комплетно опремен, и подготвен е да прими околу 40 лица за ноќевање. Ќе функционира како збиралиште на планинарите од цела земја и пошироко, вратите се ширум отворени за сите добронамерници.
Се уште нема домар, но и тоа е во најава. Ќе се организираат разни акции, планинарски тури, а самото тоа што на отворањето дојдоа планинари од сите краеви, зборува дека токму едно вакво катче недостигало во нашиот крај- раскажуваат локални планинари.

Задоволството на љубителите на овој спорт е големо поради тоа што и во овој крај добија свој простор, место каде ќе можат да преноќат, но и да се дружат. Планинарското друштво ,,Free hikers” брои стотина членови, луѓе од сите возрасти и профили, кои ги обединила љубовта кон планините и природата.

Велат дека планинарењето им е голема релаксација во време на стресен живот, враќање кон природата и здравиот начин на живот, но и можност за дружба и стекнување на нови пријателства.

-Нема потреба премногу да се објаснува за здравствените придобивки од планинарењето. Од една страна планински мир, од друга страна физичка активност со која се гради витко и здраво тело. Во земјава имаме поволна клима, со многу сончеви денови, но и неверојатни планински пејсажи. Токму поради тоа, радува секое вложување во планинарењето, а отворањето на домот во Горни Дисан беше настан кој сите не расположи- раскажаа планинарите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости