Весело и разиграно, со насмевки и позитивна енергија каква што само најмладите знаат помина вториот ден од „Прочка 2019“, каде децата и нивните наставници од прилепските основни училишта и градинките настапија со 15 групни и поединечни маски.
Најмладите повторно ја покажаа својата детска креативност во пренесувањето на пораки преку маски. „Ние сме чувари на планетата земја“, „За чиста околина“, „Еколошка цветна пролет“, беа дел од маските со кои децата порачаа дека сите треба да се грижиме за животната средина. Инвентивноста на дечињата се покажа и преку прекрасните маски „Да си подадеме рака“, „Витаминки шејк“, „Деца на сонцето“ и преку другите маски со кои на прилепчани им го разубавија денот и го направија посебен детскиот карневал „Прочка 2019“.
Централното градско подрачје беше исполнето со детски џагор, со родители и посетители, не само од Прилеп туку и од повеќе градови од нашата држава.
Фото: Димитар Петковски