Да се создаде нешто ново, креативно налик на најсовремените ентериери во основните училишта во светот беше мотивот на три креативни дами, две наставнички и педагогот од ООУ,,Лазо Трповски,, во Скопје на еден поинаков иновативен начин да се одбележи пет деценискиот јубилеј на оваа институција.
Тие ја создадоа првата отворена училница која ја нарекоа Клуб Фонтана во Општина Карпош, а и пошироко која фасцинира со својот изглед и намена и изобилува со исклучиво handmade изработки.
Просторот восхитува со посебна приказна, топлина и му дава душа и автентичност на училиштето.
Се започна пред околу 2 месеца кога еден заборавен и запуштен простор во склоп на училиштето кој некогаш бил замислен како двор со фонтана решивме комплетно да го обновиме и да го пренамениме во отворена училница, раскажува Александра Неделковска Петрова, одделенски наставник.
„Заборавете на карминчињата, штиклите, ноктите, овде треба ,,машка рака“ профи алат, милион идеи и креатива, а немаме скршен денар ни рече педагогот Рената Поповска, која си ја викавме ментор во целиот овој процес, па ни предложи да бараме пријатели, донации, да се пуштиме по складишта и магацини и да носиме од дома се што ни е за фрлање“ – се потсетува Јана Филипова Стојанова, одделенски наставник.
Таа вели дека тоа за неа бил најубавиот период како наставник.
„Станавме тим заедно со помош и на нашиот хаусмајстор Јосе и два месеца пулсиравме како прави професионалци, молери, столари, уметници, мајстори за се и сешто – додава Јана!
Кога го претворивме просторот во работилница и решивме оваа наша идеја да биде заеднички проект на ученици, наставници и родители без да бараме финансиска поддршка од страна, започна вистинска еуфорија, раскажуваат трите авторки на отворената училница. Родителите сами ни се понудија да ни помогнат со кровните конструкции, цветните аранжмани и други потребни материјали како донации, а се вклучи и родител уметник со свое дело во холот. Нашите ученици, пак ни беа десна рака. Барабар со нас велат, со огромна љубов работеа и помагаа и уште еднаш докажаа дека се најдобрите деца на светот.
Во реализацијата на оваа идеја огромна помош и поддршка имале од Општината Карпош и градоначалникот Стефан Богоев .
Александра, Рената и Јана си донеле алати од дома, товарале фрлени гуми од разни складишта, камчиња, палети, даски, ги искористиле скршените столчиња и клупи од училиштето, па од нив искреирале маси, клупи, лустери од глобус, украсни куќички, саксии, држачи за цвеќиња, огради, клавир, бунарче, старинско радио, куќички за птици и уште многу handmade вредни креации.
Секоја рачна изработка наликува на вистинско уметничко уникатно дело. Љубовта и ентузијазмот на наставничките и педагогот, нивната беспрекорна креативност е вткаена во секое катче од овој простор од кое зрачи нивната позитивна енергија.
Сето ова велат тие, немаше да се реализира без огромната поддршка од директорката на училиштето Елеонора Стрезовска која ни помагаше околу набавката на материјалите за работа.
Со боите и четките за кои станале експерти, со многу кашлање, гушење и млеко за превентива од труење целото училиште го исцртале со едукативни игри со цел децата додека си играат потсвесно да ги научат дропките, страните на светот, буквите, планетите, да собираат и одземаат и никогаш да не ги мешаат термините хоризонтално и вертикално, лево и десно, подмет и прирок, север и југ итн.
Од ништо направивме нешто, од отпад создадовме нешто што ќе живее и ќе се користи долги години, велат креаторите на Клуб Фонтана.
„Целта ја остваривме. Создадовме отворена училница во која децата 5 месеци во текот на учебната година ќе можат да следат настава на отворено, ќе реализираат разни работилници, интерактивни активности, ќе ги заборават мобилните и ќе се навратат на старите детски игра како ,,Не лути се човече,, хулахоп, домино, шах, жмурка, брканица, ќе си играат со глина, пластелин, ластик, јаже“ -вели педагогот Рената Поповска.
Оваа генерација деветтоодделенци својата полуматурска забава, наместо во кафеана ќе ја прослават токму овде.Тука ќе ги славиме родендените на нашите ученици, тука ќе го правиме уписот на новите првачиња, тука ќе си учиме и уживаме. Клуб Фонтана и целокупното естетско дизајнирање е всушност доказ дека НИЕ МОЖЕМЕ САМИ, со многу љубов, ентузијазам и труд училиштето да го направиме подобро, поубаво, поквалитетно место за учење и дружење во интерес на нашите деца. Детската среќа е наша сила и мотив да дадеме се од себе да им обезбедиме нешто ново и убаво,со радост зборува Рената .
Посакувам нашата енергија да се пренесе и во другите училишта и образовни институции, вели таа и со овој проект да бидеме позитивен пример дека едноставно и единствено со децата и за децата се работи со љубов.