По една година од смртта на македонскиот бард на новинарството Никола Младенов, вчера во негова чест се одржа собир во Клубот на новинари, каде почит му оддадоа неговите пријатели и колеги. На собирот се гледаа неколку видеа со него и се читаа делови од неговите најпознати колумни.
Сите едногласно се согласија дека, борбата за слобода, на Младенов, му била најбитното нешто во животот. И во најтешките моменти, кога бил казнуван и под притисок, тој секогаш бил луциден.
– Многумина, не ја знаат таа страна на Никола. Тој знаеше и во најтешките моменти да се насмее и да направи шега на своја сметка. Уште во времето, додека беше во „Млад Борец“, тој беше кзнет за неправилна употреба на мегафон. Наредниот ден во весникот, на слика излегува слика на Никола и под неа пишува – „неправилна употреба на мегафон“ и до него слика од Глигорие Гоговски, каде што, под неговата слика пишува – „правилна употреба на мегафон“ – истакна Јадранка Костова, главна уредничка на „Фокус“.
Таа низ неколку примери, успеа да ја долови луцидноста на Младенов. Освен неа, на собирот, за својот колега и борец за слободата, неколку реченици кажа и колумнистот на „Утрински Весник“, Ерол Ризаов.
– Секогаш на Никола ќе се сеќавам како голем човек и новинар. Неговата мисија беше слободна Македонија. Меѓутоа, во последните неколку години, тој повеќе не беше тој Никола. Се гледаше дека борбата против оваа власт ќе биде тешка – тврди Ризаов.