ГАЛЕРИЈА Историјат за уништувањето на Државниот архив на Република Македонија

by Fokus

Во текот на градењето на зградите од проектот Скопје 2014 и во полниот ек на лустрацијата во Македонија се случи апсењето на повеќемина за т.н. случај „Шпион“ на 16 септември, 2013 година. Меѓу другите, беше уапсен и еден вработен од Државниот архив на РМ (Владимир Стаматовски) кој според обвинението земал лични досиеја од Депото на Државниот архив на РМ кои ги употребувал за уцена на носители на досиеја за пари, а со цел да се „спасат“ од лустрација.

Тогаш, наголемо почна да се зборува за „потребата“ документацијата да се заштити од вакви настани. Реално, тоа ниту беше, ниту требаше да биде причина за преместување на документацијата и целосното преселување на Државниот архив на Република Македонија. Сепак, тоа беше иницијалната каписла која покажа дека со личните досиеја „може да се тргува“. Дали, кога, кој, зошто скривал или тргувал со личните досиеја на македонските државјани, не се знае.

Дотогаш, Државниот архив на РМ беше сопственик на просториите во сопствената зграда, наменски изградена за чување и сигурност на највредната докуметација на државата.

Но, веќе привршениот објект на Археолошкиот музеј на Вардар зјаеше празен, а со тоа се покажуваше дека бил целосно непотребен, парите нецелисходно фрлени. И тој момент беше пресуден да се откорне Државниот архив на РМ од својата зграда и да се пресели како потстанар во зградата на Археолошкиот музеј на Македонија, на 7 и 8 кат, без нормално депо. Вработените, кои се селеа на 31 декември, 2013 година се сместија во приправени простории беа прозори, без дневна светлина, без воздух.

И додека се смислувало како да се почне преселбата на ДАРМ, владата на Груевски донела Одлука за  престанок и за давање на трајно користење недвижна ствар на Основното јавно обвинителство за гонење на делата од организиран криминал и корупција. Одлуката носи бр. 41-874/1 од 21 февруари 2012 година и е објавена во Службен весник на РМ и е потпишана од заменикот на претседателот на Владата на РМ, Зоран Ставрески.

Членот 3 од оваа Одлука гласи: „Примопредавањето на недвижната ствар од член 1 на оваа одлука, помеѓу Државниот архив на Република Македонија и Основното јавно обвинителство за гонење на делата од организиран криминал и корупција ќе се изврши најдоцна до октомври, 2012 година.

Меѓутоа, според докуметот кој е насловен „Детален преглед на податоците на (ИМОТЕН ЛИСТ број 51106)  Катастарска општина: Центар 1“ од 2016 година Основното јавно обвинителство за гонење на делата од организиран криминал и корупција не фигурира како корисник на простории од зградата туку Државниот архив на РМ и Институтот за национална историја. Тоа значи дека не само што Основното јавно обвинителство за гонење на делата од организиран криминал и корупција не било заинтересирано за овие простории, туку во меѓувреме му отстапило одредена квадратура од зградата на ИНИ што е видливо од разликата во квадратурата спомната во Одлуката на Владата и квадратурата која се наоѓа на Деталниот преглед.

Во текот на тие години просториите на Државниот архив се празни, но полни со ѓубре, прашини. А целокупната инсталација, довод, одвод, струја,  сигурносен систем, парно се е функционално. Но, после распишувањето на изборите во 2016 година, Основното јавно обвинителство за гонење на делата од организиран криминал и корупција успеало да најде изведувач за реновирање на просториите кои требало да ги преземе во 2012 година. Дали неисполнување на Член 3 од Одлуката на Владата на РМ од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на делата од организиран криминал и корупција  има некакви правни импликации, ќе оценат правниците.

Почетокот на работите во старите простории на ДАРМ значел корнење на целокупната функционална инсталација, корнење на дрвенаријата која до последните денови на работење на Архивот во нив, без никакви проблеми ја користеле, се искорнаа гусаните функционални парна, со еден збор, требаше да се направи што е можно повеќе штета на објектот за да се рече дека нешто се работи и за да не се дозволи да се чуе се погласното барање на вработените во ДАРМ дека новиот објект нема основни услови за чување на документација од државен интерес.

Со промената на власта, повторно беше обновено барањето за враќање на Државниот архив на РМ во старата зграда со оглед на фактот што новиот објект се повеќе и повеќе ги покажуваше лошата изведба, лошо проектираната инсталација, канализација и несоодветноста на депото.

Новата Влада ја избра Зорица Апостолска за координатор за состојбата со Архивот, која со месеци не успеа да ја согледа итноста на потребата за донесување на Одлука за враќање на ДАРМ во старата зграда. Поради тоа, се изгуби драгоцено време за заштита на македонското национално богатство и за спас на исклучително значајната документација за нашата држава. Затоа пак, македонските архивисти, историчари, како и интелектуалците Мирослав Грчев, Слободан Трајковски, Владимир Милчин, Синиличка Трповска и др., заедно со македонскиот народ застанаа зад потребата за итно враќање на ДАРМ во старата зграда.

Во меѓувреме, неколку избрзани изјави на гласноговорникот на владата, Миле Бошњакоски, на координаторот Зорица Апостолска, на министерот Роберт Алаѓозовски и други официјални лица внесоа многу гнев кај македонскиот народ поради одолговлекувањето на одлуката за наоѓање на вакво, такво или некакво решение за ДАРМ, и покрај фактот што најповиканите за архивско работење во државата кажаа дека единствено решение е враќањето на ДАРМ во старата негова зграда.

Решение се уште се чека.

 

Поврзани новости