Повторно одложено рочиштето за екстрадицијата на Грујевски и Бошковски

by fokus

Врховниот суд во Атина за 9 март го одложи рочиштето на кое требаше да биде разгледана жалбата на одлуката за екстрадиција на Судот во Солун за поранешниот началник во УБК Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски, бидејќи беше отсутен еден од адвокатите, јави дописникот на МИА од Атина.

Минатото рочиште што беше одржано на 16 февруари, беше одложено поради краткиот период што го имале адвокатите за разгледување на предметот и затоа што не бил обезбеден преведувач на македонски јазик.

Во меѓувреме, Грујевски и Бошковски остануваат во атинскиот затвор „Коридалос“.

За Грујевски и Бошковски во Грција се водат три различни и меѓусебно неповрзани процеси.

Едниот е за фалсификуваните пасоши, со кои беа фатени на солунскиот аеродром, судењето по три одложувања, ќе се одржи на 17 мај годинава.

Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември минатата година.

Третиот е по македонското барање за екстрадицијата, за кој Советот на судии во Солун, на 5 јануари одлучи, Никола Бошковски и Горан Грујевски да бидат екстрадирани во Македонија, а веднаш потоа нивните адвокати поднесоа жалбата против одлуката на судот, за случајот да го разгледа Врховниот суд во Атина.

Поврзани новости