ГАЛЕРИЈА Груевски не дојде на протестот на Мицкоски

by fokus

ВМРО-ДПМНЕ го одржа првиот протест против политиките на владата откако тие станаа опозиција. Партискиот лидер, Христијан Мицкоски овој протест го најавуваше откако застана на чело на опозицијата, а конечниот датум го закажа пред еден месец.

На протестот беа присутни поголемиот дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, новото партиско раководство, екс градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, но и дел од коалиционите партнери.

 

Сепак, протестот се одржа без Никола Груевски, кој откако го предаде претседателското столче во партијата на Христијан Мицкоски, доби титула „почесен претседател“ на ВМРО-ДПМНЕ. Поранешниот лидер претходно преку Фејсбук даде поддршка на протестите.

Во фокусот на протестот беше спорот со името, но и пораките на премиерот Зоран Заев дека преговорите се при крај и дека е најдено решение. Мицкоски се пожали дека тој како лидер на најголемата опозициска партија не знаел ништо за тоа како течат преговорите и оти од грчките медиуми доаѓале најголемите информации.

Побара промена на политичкото однесување кое, според него, е драстично опаднато и се наметнати лажни стандарди и вредности.

– НАТО и ЕУ се вечен стремеж на нас и нашата генерација, одлична можност за државата и граѓаните, но промените во државата мора да почнат од нас самите. Мора да веруваме во себе и да веруваме во сопствените квалитети, додаде Мицкоски.

Лидерот на опозициската партија рече дека на Македонија и треба и реформиран, одговорен и квалитетен СДСМ каде, како што кажа, имало многу луѓе кои не се согласувале со моменталната ситуација и каде имало квалитетни луѓе кои можат да придонесат за доброто на Македонија.

– Но за да дојде и тоа, прво мора да се порази Зоран Заев, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваше работата на Владата предводена од премиерот Заев во изминатата година посочувајќи дека очекувањата на граѓаните биле изневерени и дека нивното достоинство било урнато.

– Година пропуштена во нашите животи, година на неработа, создавање на поделби и хаос. Година на политички терор, апсења, упади, тортура. Година на економски неуспеси, на создавање трулеж во општеството, рече Мицкоски.

На протестот најчесто можеа да се видат транспаренти против промената на името на Република Македонија, како и знамето од Кутлеш. Граѓаните на почетокот на протестот, поддржани од партиското раководство ја запејаа „Едно име имаме“, а потоа во еден глас го извикуваа името на Мицкоски.

Фото: Томислав Георгиев

Поврзани новости