По страотниот пожар кој се случи во семејната куќа на фамилијата Анчеви од Радовиш, пред три дена, целото семејство остана без покрив над главата.
Во куќата, каде целосно изгорел првиот кат и поткровјето, живееле Јанчо Анчев со сопругата и малолетното девојче, како и возрасната ќерка со нејзиниот сопруг и две деца, од кои едното е бебе на возраст од три месеци. Очаен поради немилиот настан, Јанчо за ,,Фокус” раскажува дека буквално не знае од каде да почне, бидејќи речиси ништо не останало од нивниот дом.
-Пожарот не го зафатил приземјето, но првиот кат и поткровјето се сосема уништени. Нема ништо останато, ниту мебел, прозорци, врати, апарати за домаќинство… За неколку мига изгубивме се што градевме целиот живот. Среќа, сите дома се неповредени. Во времето кога избувнал пожарот, околу 18 часот, во куќата била само ќерката со нејзините девојчиња. Едното од нив, кое е бебе, во тој период го бањала. Веднаш штом го забележала чадот, со бебето замотано во ќебе и другото девојче во раце, таа истрчала надвор и побарала помош. Но, силата на пламените го направила своето и речиси целата куќа ни отиде – потресено раскажува Анчев.
Тој додава дека во исто време, кога избувнал пожарот во нивниот дом, и на друга локација беснеел пожар, па противпожарната екипа пристигнала со неколку минутно доцнење. Пристигнале пет возила, но огнените јазици биле пресилни. Вели дека е благодарен што градоначалникот Герасим Конзулов веднаш дошол на самото место и од општината му доделиле парична помош од околу 30.000 денари.
Сепак, тврди дека му е потребна поголема финансиска помош, со цел да може да ги санира штетите од пожарот.
-Дома имавме околу 2.000 евра. Парите изгореле, најдовме само 200 евра и 4.000 денари. Тоа е се што имаме сега, а потребно е да се среди се од темел до кров. Сега, децата се на село, кај роднини, на околу 15 километри од Радовиш. Нема услови за живот дури и на приземјето, нема струја, вода, се е уништено. Апелирам до сите хумани граѓани, кој колку може да ни помогне, да се средиме, да си ги прибереме децата дома. Тие се на возраст од шест години, три години и три месеци. Доаѓа зима, немаме време за чекање, мора да се работи, а искрено, не чека многу работа. Парична помош, градежни материјали, столарија, се ни е потребно – вели Анчев.
Околу тоа, дали е откриена причината за пожарот, тој додава дека најверојатно пожарот започнал од продолжен кабел. Сите кои што се во состојба да донираат, можат да го сторат тоа на трансакциската сметка на Јанчо Анчев 200002979201635, Стопанска банка.
Вики Клинчарова