„Фокус“ исконтактира со Ларис Гајсер, авторот кој ги објави видео и аудио снимката поврзани со случајот „Рекет“, а каде се гледа како осомничените во овој предмет земаат пари од бизнисменот Орце Камчев. Гајсер за сега не сака да откри ништо за материјалите кои ги поседува и кои најави дека ќе ги објави следните денови.
-Се ќе стане многу појасно наскоро. Следете ме во наредните денови – ни рече Гајсер накратко.
Тој не открива дали материјалите што ќе бидат објавени се документи или нови видеа и дали ја компромитираат специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.
Во кратката биографија за Гаисер, објавена на сајтот „Ла Верита“, стои дека е член на Италијанскиот тим за безбедност, терористички прашања и управување со итни случаи на Католичкиот Универзитет во Милано. Тој предава меѓународни односи на Универзитетот во Џорџија (САД) и геополитика, геоекономија и надворешни работи на Академијата за дипломати во Виена. Исто така е владин и деловен консултант.
На неговиот фејсбук профил стои дека е од Птуј, Словенија, и дека е професор на Факултетот за државни и европски студии во Словенија.
М.В.