Гајсер најави нови „бомби“ за „Рекет“ во 11 часот

by fokus

Ларис Гајсер, соработникот на италијанскиот весник „Ла Верита”, најави дека денеска ќе изнесе нови факти за случајот „Рекет“, но овој пат не преку онлајн изданието на весникот, туку при гостување на Радиото Каподистри во 11 часот.

„Македонијо! Утре, 13 август во 11 часот, на Радио Каподистри. Во центарот на нови факти директно од студио“ – напиша Гајсер.

Иако Гајсер имаше кус прекин во објавувањето на снимките за случајот „Рекет“, извесно беше дека нема да заврши со трите објавени тури на аудио материјали. Ваквиот тек на настаните уште пред неколку дена го најави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање.

„Како што дознав од добро известени италијански извори, тука ќе има уште изненадувања, а сега верувам дека Зоран Заев го разбира колку бев во право за она што му го зборував за одредени лица кои се далеку од Србија, и зошто тоа му го зборував тоа“, изјави Вучиќ.

Новинарот досега во три продолженија, во онлајн изданието на „Ла Верита“ објавуваше видео и аудио снимки за рекет од 1,5 милиони евра, кои за да биде ослободен наводно ги платил бизнизменот Орце Камчев.

Во снимките се појавуваат Бојан Јовановски и Зоран Милески-Кичеец како наводно ги подигнуваат парите од кај бизнисменот, а во аудио материјалите што беа презентирани неколкупати се слуша и гласот на јавната обвинителка, Катица Јанева.

Поврзани новости