Гајдова за Панчевски: Ако се сомнева во пристрасноста, нека побара мое изземање

by Fokus

Судијката Габриела Гајдова, која го работи предметот за поранешниот претседател на Основен суд Скопје 1 Владимир Панчевски кој денеска не се појави на рочиштето во основниот суд Велес каде требаше да започне судењето за злоупотреба на АКМИС системот, За „Фокус“ потврди дека тој во два наврати во септември и на почеток на овој месец бил известен на адресата која е официјално заведена во документите, но тој не одговорил. Исто така тој бил известен и по официјална електронска достава кај еден од адвокатите на Панчевски, Благоја Пеповски согласно чл. 131 став 6.

– Бидејќи два пати не беше успешна доставата на поканата на официјално наведената адреса, јас побарав помош од СВР Скопје да го лоцираат Панчевски за да може да ја добие поканата, досега одговор од СВР Скопје не добив, но сакам да појаснам дека по официјална електронска достава беа испратени и поканата, обвинението и доказите за што верувам дека адвокатот ги добил, вели Гајдова за „Фокус“.

Таа објасни дека наместо тоа на 17 октомври Панчевски испратил приговор за месна надлежност на Основен суд Велес и бара да се прогласи за ненадлежен.

-Истиот ден е донесено решение дека приговорот е одбиен, но решението сѐ уште не е правосилно. На 17 октомври Панчевски преку Основен суд Велес испратил и до Врховен суд предлог за изземање на месната надлежност на велешкиот суд, со предлог предметот да се работи во друго Апелационо подрачје, објаснува судијката Гајдова.

Панчевски ја оспорува надлежноста на велешкиот суд со образложение дека и тој бил под апелациско подрачје Скопје, и тука ја наведува одлуката во случајот „Јустација“ кога поради можност за влијание, на обвинетите им се судеше во судот во Битола.

Тој во претходна изјава за „Фокус“ нагласи дека не добил никаква покана од судот и дека дознал од медиумите.

– Со оглед на тоа што мојот колега од факултет се повикува на заедничкото студирање, сакам да појаснам дека не сме имале некоја посебна комуникација, точно е дека сме биле на обука во Будимпешта заедно со Паула Костадиновска, а не дека сме биле посебно блиски. Но сепак еве колегата ако се сомнева во пристрасноста, слободно нека побара мое изземање, вели Гајдова за Фокус.

Панчевски во моментов е суспендиран од функцијата поради обвинението за АКМИС.

Во периодот од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година, како претседател на Основен суд Скопје 1, со давање на писмен „параф“ наредил распределба кај конкретни судии на четири предмети доставени од страна на Основното јавно обвинителство Скопје, на два предмети кои во судот биле доставени на натамошна надлежност од Основните судови Неготино и Куманово, на 41 предмет доставен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и на две обвиненија поднесени од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

С.Т.

Поврзани новости