Советникот на Град Скопје, Габриел Бајрам (42), кој е син на починатиот пратеник Амди Бајрам, и претседател на Сојуз на Ромите, по вторпат ќе стане дедо.
Радосната вест тој ја објави на социјалните мрежи, појаснувајќи дека многу го усреќила веста дека неговиот син Валентин и снаата Деби чекаат ќерка.
-Во изминатиот период научив една важна работа. Богатството, на еден човек не се мери во пари, а тоа не може ниту да се стави во кантар. Човек е богат само ако е среќен, живее во хармонија и радост. Станав дедо, се роди Лаура, нека е жива и здрава. Таа среќа и тоа чуство се зголемува во мене, од ден на ден. Дознавме дека, од мојот син и снаа, Валентин и Деби, ќе имаме внука. Нека им е среќна и бериќетна ќеркичката на моите најмили. Нека се роди во хармонија и да расне и порасне.
Колку е убаво чувството! – објави советникот.
Тој веќе ја има внуката Лара, која ја доби од ќерката Перјан во 2021 година. И за неа често раскажува како му го променила животот, му донела огромна среќа и му била мотивација да оди напред.
-Животот е таков каков што е! Понекогаш среќа, понекогаш тага! Пројде се доаѓа се! Пари се заработуваат, пари се трошат! Некогаш имаш многу, некогаш имаш малку!
Некогаш дури и многуто ти е малку, а понекогаш и малкуто ти е премногу!
Се доаѓа, се одминува. Но, тоа што останува засекогаш е семејството! Тоа е двигателот и одговорот на прашањето –Зошто?
За мене велат дека сум храбар, дека сум силен, дека сум секогаш мотивиран… Енергијата, еланот и мотивацијата ми ја дава моето мало бисерче Лаура. Слатка мала која трча наоколу и вели дедоо… Да, дедо… Радоста која ја чувствувам, ја чувствува целото мое семејство – порача тој неодамна.
Габриел Бајрам ја продолжи традицијата на семејството, да направи раскошни свадби на ќерката и синот. Забавата за Перјан се одржа на брод во Истанбул, а пак за синот Валентин во хотел во Скопје.
И неговиот татко, Амди, беше познат по раскошните свадби на кои беа ангажирани познати музички ѕвезди, приватен хеликоптер и гости од целиот свет.
Видео снимки од луксузните настани потоа се објавуваа на социјалните мрежи.
Тој ја продолжи и традицијата на татко му околу организацијата на популарниот Ромски бал, кој се одржува во јануари и на кој доаѓаат околу 1.000 гости, пејат популарни пејачи и се избира Мис Ромка.
На настанот секоја година гостуваат и многу политичари, а препознатлив е по раскошните тоалети кои присутните гостинки ги подготвувале со месеци наназад.
Вики Клинчарова