Габер во издвоено мислење за абортусот: Жената е дискриминирана

by lali

По одлуката на Уставниот суд дека Законот за абортус е уставен, само судијката Наташа Габер Дамјановска, која единствено со правни аргументи се спротивтсави и на седницата, наспроти демагогиите околу семејните и наталитетските вредности, напиша Издвоено мислење со кое укажува на низата пропусти при одлучувањето и нелогичностите кои ќе се појават во практика при прекинување на бременоста. Нејзиниот текст е објавен вчера од страна на судот, заедно со решението со кое уставните судии го поддржаа владиниот проект и не покренаа постапка за оспорените членови од законот од страна на неколку здруженија за човекови права.

„Жената има неотуѓиво, самоодговорно и лично право на избор во рамките на разумните ограничувања врзани со здравствената етиологија и придружени со соодветни медицински протоколи, потполно слободно и лично да донесе одлука за исходот на нејзината бременост. Истовремено, преку детерминирањето на ваков неприкосновен простор за интимно-лична определба, овие одредби на Уставот имплицираат разумно, рестриктивно и воздржано однесување на државата, а не нејзино про-активно директно инволвирање во личната одлука на жената по ова прашање. Државата, водејќи се од уставно загарантирaното фундаментално право на поединецот, има позитивна обврска да создаде неутрален и заштитен закон, кој во процедурално определена рамка ќе и овозможи на една бремена жена ефикасно и над се безбедно, од здравствено-медицински аспект да го оствари своето право на пристап до легален прекин на бременоста“- стои во мислењето на Габер.

Според законот, прекинувањето на бременоста може да се изврши до истекување на десет недели од денот на зачнувањето, што практично значи дека е избрана помала временска граница, во однос на бројни други држави каде се предвидени 12 недели.

Понатаму, правата на жената се загрозуваат и во однос на неопходната документација за абортус и инволвираноста на бројни институции, со што, според Габер, се создава правна несигурност кај граѓаните и конфузија во неговата примена.

„Сметам дека со самиот факт што бремената жена се обраќа до здравствената установа за прекинување на бременоста, доволно е за да се прифати дека се работи за јасно изразување на личната волја, без да се инсистира на барање со посебно утврдена форма и содржина. Предвидената постапка е дел непрецизна и арбитрерна, а дел нагласено формалистичка со цел да се оддолжува и одзема итноста која е иманентна за ова прашање. Бројните дополнителни услови (документи) што бремената жена има обврска да ги достави наспроти сите други пациенти кои имаат потреба од некаква медицинска интервенција фактички креираат дискриминација и отсуство на еднаквост (еднаков пристап)“ – смета Габер.

Законот наведува, но не предвидува конкретна итна постапка кога се работи за ургентни случаи, превид кој е мошне сериозен со оглед на тоа дека заради административните лавиринти и под закана од тешки парични казни за медицинските лица, може да се дојде и до трагични последици.

Оспорените одредби наметнуваат и друга нужна компарација на правната положба на жената која сака и легитимно очекува да ја прекине бременоста наспроти правната положба на било кој друг пациент, кој бара друга медицинска интервенција во согласност со Законот за заштита на правата на пациентите  Во таа смисла, смета Габер дека е неуставен делот од законот со употреба на зборовите „одобрување на“, бидејќи ниедна друга медицинска хируршка интервенција правно гледано не е регулирана (врзана) со нејзино претходно „одобрување“ од страна на државата. Според Законот за зашита на правата на пациентите предвидено е потпишување на изјава за прифаќање или одбивање на некоја медицинска интервенција, а никако барање за „одобрување“

„Со оваа употребена формулација се порачува дека државата одлучува во име на жената, односно државата да одлучи дали ќе “одобри“ или “нема да одобри“ да се изврши бараното прекинување на бременоста што во својата суштина е противуставно. Од таа причина, сметам дека бремената жена е дискриминирана наспроти другите пациенти, кои можат да добијат медицинска услуга без обврска својата согласност за истата повеќепати да ја депонираат однапред во строга законска форма за да финално добијат “одобрување“- предупредува Габер во Издвоеното мислење..

На крајот истакнува и друго загрижувачко, дека Уставниот суд кога застанал на страна на владиниот проект за абортус ги немал предвид меѓународните документи кои се ратификувани во согласност со Уставот, а кои се дел од нашиот внатрешен правен поредок и не можат да се менуваат со закон (член 118 од Уставот): Европската конвенција за човековите права, Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената, Конвенцијата за заштита на правата на детето и Конвенцијата за правата на лица со инвалидност со Факултативниот протокол.

 

Поврзани новости