Не газам инсекти!

by lali 14:02
14:02

„Уште еднаш, се замолуваат газдите на едно грдо, подуено, смрдливо и безумно суштество да си го приберат дома и на тој начин да придонесат кон намалување на загадувањето. Фала.“

Ова е мојот Фејсбук статус на 18 октомври, по обновените напади на граѓанското општество и на слободномислечките луѓе. Никаквеците повторно ги отворија своите челусти од кои излегува одвратна реа и ги пуштија своите пожолтени канџи и нападнаа. Со гнасни лаги, како и секогаш.

- Advertisements -

Ги гледам, охрабрени и опиени од својата улога на дворски шутови, ја играат улогата на бранители на нешто што не може да се одбрани. Овие креатури не бираат ни зборови ни средства да се пресметаат со слободномисечките луѓе во името на оние што ја ставиле чизмата токму на нивниот врат.

За добра плата, а некои и за милионче-две, ја окупираат јавноста со својот простотилак, насилништво и вулгарност. Луѓе без трошка свест и совест, недостоинствени и снисходливи стојат на стратешки коти во општеството и сеат омраза и поделби.

Нивните појави и сѐ што прават е неиздржливо глупаво и плитко. Не се трудат ни да изгледаат попристојно, не им е грижа ни за тоа дека се гротескни во нивната неначитаност и неинформираност. А знаат дека се грди и однадвор и однатре, не се до толку глупави, барем се надевам.

НЕДОСТОЈНИ ЗА ОДГОВОР

Тие што ме познаваат веќе се навикнаа на тоа да не одговорам на нивните гнасотилаци. Некои од моите другарки и другари не им остануваат должни. Од време на време, ми велат дека треба да им возвратам на нападите, дека треба и да ги тужам за клеветите, навредите и говорот на омраза кои ги истураат секојдневно во јавноста, за тоа што изградија професија од тоа што се валкани и зли.

Тоа што ми го прават мене и на слободномислечките луѓе во оваа земја, е само продолжение на политиката на моќниците на власт. Затоа, најчесто ги игнорирам. Тоа што не им одговарам може само да значи дека не ги сметам за достојни соговорници.

Имаше период кога ги жалев, но со време покажаа и докажаа дека не заслужуваат сомилост. За добар дел од нив мислев дека се пореметени, но сега само мислам дека се интелектуално, па и ментално ограничени, донекаде и пореметени.

Сепак, на јавноста ѝ покажаа дека се способни за смислено делување, се разбира, единствено од позиција на послушни пци. Секојдневно докажуваат дека се способни за зло или соучесништво во зло. И се однесуваат како ситни криминалци, иако криминалот кој го поддржуваат и спроведуваат не е ни оддалеку мал и безначаен.

ОДГОВОРЕН Е ГАЗДАТА

Не им одговарам, бидејќи ако некој своето бесно куче го пушти од ланец и тоа почне да каса наоколу, немам зошто, а ни како, да се расправам со кучето. Одговорен е газдата. Ова не е споредба, туку опис. Тие се бесните кучиња кои нивните газди намерно ги пуштиле од ланец, откако пред тоа ги инфицирале со беснило. Намерно. Одговорност сносат и тие, бидејќи никој сосила не ги инфицирал, туку понизно клечеле и молеле да бидат ставени во таа улога.

За разлика од нив, јас имам едно чудо стории за нив, за нивното однесување во минатото, за нивните криминални постапки, за нивната нечесност и коленичењето пред некои други газди. И тие стории се чиста вистина, за разлика од измислиците и вулгарните навреди со кои тие секојдневно се служат. Но, немам зошто да се занимавам со нив.

За неделата и валканиците ќе одговараат пред соодветни судови, пред јавноста и пред институциите на правдата. Јас имам поважна работа од тоа. Исто така, не сум навикнат да газам по инсекти.

Газдата на овие креатури треба да знае дека секој ден недовербата во него расте и дека неговите поданици не успеваат да го одвлечат вниманието, а ниту да ја префрлат вината за мизеријата во која живееме на нас.

Сѐ повеќе луѓе знаат дека Томислав Кежаровски е неправедно затворен и осуден, дека „Фокус“ е казнет за да се замолчи, дека луѓе гнијат в затвор затоа што го искористиле уставнот право да мислат и говорат понаку. Знаат дека предавникот не сум јас, туку токму тие што говорат валкано и со навреди за мене.

ВИНОВНИ ЗАТОА ШТО ЈА КАЖУВАМЕ ВИСТИНАТА

Јас и моите другарки и другари сме виновни за тоа што секогаш ја кажуваме вистината, за тоа што се бориме за вредности, за човекови права и слободи. Тоа што го правам е јавно и бескомпромисно. Затоа што верувам дека доброто на крај победува и дека правдата ќе стаса за сите што биле повредени, понижени и малтретирани.

Политичките затвореници во Македонија се само еден од моите докази. Меѓу нив се луѓе од политиката и медиумите кои се дрзнале да се спротивстават на неправдите и говореле поинаку од оние што го имаат стапот во рацете. Да, тоа се оние што гласот на граѓанките и граѓаните го сфаќаат како стап во нивните раце, а не како време позајмено и наменето за добробит на сите нас.

Но, ќе дојде мигот кога сите ќе треба да положат сметка пред истите оние што сега молкум и со наведната глава ги трпат ударите на стапот. Јас одбрав да не молчам. И знам дека е потребно само малку и другите да ја кренат главата. Тогаш, знам, мојата работа ќе продолжи, бидејќи искрено ќе се заложам да бидат третирани праведно и без одмазда.

И ќе дадам сѐ од себе да придонесам кон подобрување на условите во затворите во Македонија.

Поврзани новости