По ноќешните експлозии во иранскиот регион Исфахан, министрите за надворешни работи на седумте најголеми западни индустриски нации повикаа на избегнување натамошни ескалации на Блискиот Исток.
„Во светлина на воздушните напади од 19 април, ги повикуваме сите страни да се заложат за спречување на натамошна ескалација“, се вели во завршната декларација на тридневниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите на Г7 одржан во Италија.
Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен исто така повика на деескалација.
Според германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, сега е „часот за да се направи сѐ можно за избегнување нов степен на ескалација со непредвидливи последици за целиот регион“.
Во Г7 спаѓаат САД, Германија, Италија, Франција, Велика Британија, Канада и Јапонија.
Министрите го осудуваат нападот врз Израел на викендот. Бербок го обвини Техеран за невидена ескалација на ситуацијата со масивниот напад врз Израел, што не смее да остане без консеквенции.
Во завршното соопштение стои дека Г7 се спремни за воведување натамошни санкции и мерки, со барање Иран и неговите сојузници да ги прекинат нивните напади.