Вработените во културните институции почнаа со протести поради ниските плати

by Фокус

Со свирчиња, извици и со класична музика, Синдикатот на културата заедно со културните работници од цела Македонија денеска протестираа пред Министерството за култура, со цел, како што рекоа, да го искажат револтот за неисплаќањето на платите за месец март на над 3.000 вработени, а притоа обвинија дека нема да го добијат и зголемувањето од 12 отсто согласно колективниот договор.

-Во сите овие години од формирањето на Министерството за култура, овој владин орган воопшто не ја оправдува суштината на своето постоење. Од тело кое треба да биде административен чувар на институциите и индивидуите кои го креираат и негуваат културниот идентитет, Министерството е претворено во бирократско дувло кое својата енергија ја насочува кон нивно урнисување, најчесто мотивирано од егоистичните нагони на некои од неговите сомнително компететни службеници. Секоја година резултатите од конкурсите за годишната програма се проследени со скандали, нивото на финансирање е за потсмев, а логистичката поддршка за други извори на финансирање е непостоечка – рече Вера Атанасовска, претседателка на Синдикатот.

Едноставно, рече таа, Министерството не функционира за тоа што е формирано, а неговото делување го доведува до апсурд неговото постоење. Атанасовска им порача на службениците дека патот кон повисоки плати за нив не е преку опструирање на Колективниот договор за култура, туку, како што рече, преку искрена, натпартиска социјална борба за нивните права за која секогаш ќе ја имаат поддршката од СКРМ. Според Атансовска, протестот не е само борба за спроведување на Колективниот договор за култура, тоа е борба за социјалната држава и борба за правично вреднување на трудот.

Од СКРМ рекоа и дека иако вчера имале средба со претставници од Министерството за финансии, таму не бил постигнат никаков договор.

Поврзани новости