ФЗО ќе спречува злоупотреби при користење на бесплатното здравство

by vlatko 21:22
21:22

Фондот за здравствено осигурување, со заклучок на Владата, иницира проценка на критериумите за здравствено осигурување, а акцент ќе се стави на спречување на злоупотребите и затворањето на просторот за нереално користење на бесплатната здравствена заштита.

Генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски, истакна дека иако целта е универзално здравствено осигурување, во моментов се проценуваат ризиците од злоупотреба на здравственото осигурување и таа е групата на лица без примања или со пониски примања или групата на невработени лица.

Клековски вели дека од вкупно 1.845.007 осигуреници, околу 477 илјади лица се со осигурување по оваа основа, и токму тука од Фондот сметаат дека има две групи каде постои најголем ризик од злоупотреба.

Првата група, како што рече Клековски, се лица што остваруваат приходи на неформален начин, надвор од трансакциска сметка, а се квалификуваат за бесплатна заштита. Лицата што не живеат и не ги остваруваат примањата во Македонија, но сепак користат бесплатно осигурување, Клековски рече дека е втората група.

-Целта не е да се укине здравственото осигурување, туку да се воспостави фер и праведен однос, бесплатна заштита да има за луѓето кои навистина немаат приходи, а за оние кои остваруваат приходи во сива економија или надвор од Македонија да најдеме начин да го стесниме просторот за овие злоупотреби – рече тој.

Слични вести