Безкомпромисна европеизација на Балканот, означува проширување на НАТО и ЕУ и потиснување на руското и кинеско влијание во овој дел од светот. Бугарија се колнеше дека сака да биде лидер на тој процес и дека ќе направи се за тоа да се реализира. Ние и поверувавме. На крај, истата таа Бугарија по задача, го сопре процесот на европеизација на Балканот, кој беше клучен и за процесот на помирување помеѓу македонизмот и бугаризмот. Кој е тука фурнаџиска лопата, ние или Бугарите?
Пишува Петар БОГОЈЕСКИ, политички и граѓански активист Политичко делување во рамки на вредности и принципи или во рамки на очекувања? Таа е вечната дилема, но и граница помеѓу политиката и политиканството. Во таа борба се раѓа популизмот, кој е причина за пропаѓање на политиката како професија. На своја сметка, на своја штета, по цена да не успеам, цел живот сум политички активист кој стои до вредностите во кои сум убеден, принципите на база на кои ги градам политиките, стојам на страна од популизмот, без разлика што ќе разочарам нечии очекувања. Тука доаѓаме до суштинскиот проблем. Многу често, голем број на луѓе своите очекувања од политичкото дејствување на политичарите ги создале на база на митови или на база на пропаганди, кои политичките конкуренти ги создаваат со цел да наштетат, а биле далеку од реалноста. Така доаѓаме до целосно спротивни две перцепции, онаа да се остане доследен на принципите и убедувањата, а не на очекувањата кај луѓето и перцепцијата кај некои луѓе дека треба да се менуваат ставовите во зависност од актуелната состојба, т.н. „фурнаџиска лопата“. Кога се градат политики по некое важно прашање, нужно е да сме на чисто за да не дојдеме до непотребни недоразбирања и обвинувања од типот на фурнаџиската лопата. Забележувам колективно бунило во македонската јавност по т.н. национални прашања. Тука спаѓа и прашањето на добрососедство, кое е клучно за опстојување на македонската држава. Тоа бунило не се однесува на политичарите кои цел живот немаат став за ништо, а би требало, туку највеќе се однесува на политичарите кои влегуваме смело во секоја тема и создаваме политичката платформа која ја промовиравме. И покрај тоа што напишавме томови од колумни, манифести, изјави, соопштенија, забележувам дека перцепцијата која за нас ја создавале други политичари е доминантна. Можеби вината е кај мене или кај некои мои соработници, зашто не доволно добро сум се изразил / изразиле или не сум се потрудил / потрудиле да ги објаснам / објасниме. Но тука сме да се објасниме за да не остане дилемата да се провлекува во иднина. На Вас останува да донесете заклучок дали сме фурнаџиска лопата или сме верни на своите принципи и убедувања. КОЈ РАЗБИРА ПОЛИТИКА, МНОГУ ДОБРО ЌЕ ГО РАЗБЕРЕ ОВА ПИСАНИЕ Добрососедство и пријателство со сите наши соседи лежи во нашите политики, кои ги именувавме како „Балкански компромис“. Постојано и постојано повторуваме, тие политики не се засновани на некакви филства или манства, туку на принципи. Клучни се принцип на неповредливост на македонската државност, принцип на почитување на современата реалност, принцип на безкомпромисна европеизација на Балканот, принцип на поделено влијание на коридорите 8 и 10, принцип на деидеологизација на општествата, принцип на промоција на автентична современа македонска доктрина и многу други. Ајде да видиме сега кој е фурнаџиската лопата, дали ние со нашите политики или некои соседи со нивните политики. Тука пред се мислам на соседна Бугарија, која е во фокус на нашите интереси во актуелниот историски момент. Буквално на сите мои средби со Бугари, македонски Бугари или бугарски Македонци, или други заинтересирани лица, кои се случиле на различни места низ светот, јасен бил принципот на неповредливост на македонската државност. Буквално, буквално за да дозволам некој да седи на маса со мене или јас да си дозволам да седнам на некоја маса, да зборуваме за меѓусоседска политика, главен услов бил неповредливост на македонскиот суверенитет и државност. Ниту Грција не си дозволи тоа што си го дозволи Бугарија со нејзиниот несреќен Манифест кон Европа, со кој ја оспори државноста на Македонија и ја прогласи за непријател на Бугарија. Со тоа Бугарите, а не ние, го прекршија основниот принцип за соработка, а тоа е неповредливост на државноста. Кој е тука фурнаџиска лопата, ние или тие? Чудни се очекувањата на поединци, во тој спор да прифатиме подредена позиција на Македонија кон Бугарија, да подлежиме на процесот на лекување на нивниот „патернистички комплекс“ кон Македонија, а многу јасно во секоја прилика им се ставало на знаење за основниот принцип на нашата политика за добрососедство. Следно е прифаќање на денешната реалност. Бугарија има проблем да се соочи со неа, ние сме тука да и помогнеме и да најдеме решение, но никако не смееме да бидеме кловнови во нејзините соништа за ребугаризација на Македонија. Почитување, градење на доверба, сузбивање на стериотипи, кои се во основата на омразата помеѓу двете нации, се е тоа прифатливо. Секогаш сме зборувале за споделено минато и заедничка европска иднина. Кога веќе Бугарија се одлучи да ги киднапира сите плодови од тоа споделено минато, сакавме да и излеземе во пресрет со понудата за „оставинска постапка“ и секој по свој пат во иднина. Кога Бугарија и тоа го одби и одлучи да ни забрани да бидеме свои на своето, до степен да ни наметне „северномакедонски идентитет“, до степен да ги лекува најболните шизофрени бугарски политики кон Македонија и Македонците, ние одговоривме со надградба на македонизмот во насока на задоволување на барањето на Бугарија да го приватизира бугаризмот. Кој е тука фурнаџиска лопата, ние или Бугарите? Безкомпромисна европеизација на Балканот, означува проширување на НАТО и ЕУ и потиснување на руското и кинеско влијание во овој дел од светот. Бугарија се колнеше дека сака да биде лидер на тој процес и дека ќе направи се за тоа да се реализира. Ние и поверувавме. На крај, истата таа Бугарија по задача, го сопре процесот на европеизација на Балканот, кој беше клучен и за процесот на помирување помеѓу македонизмот и бугаризмот. Кој е тука фурнаџиска лопата, ние или Бугарите? Споделено влијание на коридорите 8 и 10, се предуслов за безбедност на Македонија. Од секаков аспект. Тоа беше во прилог на Бугарија, која има најслабо влијание во земјава. За нас Македонците е најважно тие влијанија да бидат балансирани. Така сме најсигурни. Бугарија не направи чекор во таа насока, обратно промовираше ликови и бандити со кои го загрози процесот на отварање на двете општества. Кој е тука фурнаџиската лопата? За деидеологизација на општеството и за македонската доктрина имам напишано повеќе од доволно, да не се повторуваме. Само ќе прашам, дали актуелните политики на Бугарија придонесоа кон деидеологизација или ја засилија сенката на минатото? И кој е тука фурнаџиската лопата? Драги пријатели и соработници, драги сограѓани, но и комшии од соседните држави, во изборот помеѓу принципите и очекувањата, ние ги избравме принципите. Нашите политики се засновани на тие принципи. Жалиме што вие сте имале нереални очекувања од нас, но тие Ваши очекувања не се наш императив. Фурнаџиската лопата да си ја барате во Вашите пазуви, а не во нашите политики. Кој разбира политика, многу добро ќе го разбере ова писание.
|