Четворица функционери на СДСМ попладнево даваа исказ во полиција, под сомневање дека ги прекршиле ковид-протоколите, откако синоќа од трибините на спортскиот центар „Борис Трајковски“ го следеа ракометниот меч меѓу Македонија и Данскa, и покрај ограничувањето за присуство на публика.
Станува збор за пратеникот на СДСМ Дарко Каевски, градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски и директорите на скопската Зоолошка градина Ѓорѓи Галетановски и на затворот во Шутка Филип Андонов, кои денеска биле повикани во полиција, откако објавија фотографии на фејсбук од трибините.
Во изјави за „Телма“, по давањето исказ во полиција, функционерите на СДСМ посочуваат дека, како спортски работници, присуствувале на натпреварот по покана на Ракометната федерација.