-Не треба многу фантазија да се посочи кон премиерот и кон шефот на државната безбедност Мијалков, како веројатен „ум“ кој стои зад масовното прислушување.
Темна фигура, која воедно е братучед на премиерот, Мијалков секогаш е до премиерот со моќ која ја надминува онаа на судството или Парламентот. На него се гледа како на алтер-его на премиерот, и главната моќ над владејачката партија – Внатрешната македонска револуционерна организација – Демократска партија за македонско национално единство (ВМРО-ДПМНЕ), на чие чело е Груевски, пишува Ерван Фуере во својата колумна со наслов „Груевски од Македонија направи кошмар“, објавена на Балкан инсајт и на Призма.
Понатаму во колумната, Фуере вели дека скандалот со прислушувањето ја покажува длабоко вкоренетата корупција и зла природа на режимот и дека без разлика кој стои зад прислушувањето, транскриптите откриваат докази како владејачката партија го игнорира институционалниот процес и поделбата на моќта, оперира според свои правила и ги прекршува основните стандарди на демократијата, па и на пристојноста.
Фуере додава дека вонредно важно време е за меѓународната заедница, особено за ЕУ, да обрне поголемо внимание кон тоа што се случува, бидејќи само повикувањето на функционирање на институциите како што се очекува од нив, очигледно не е доволно кога се соочувате со таков режим.