Почнаа да го споредуват со легендарниот Бекам, а девојките се воодушевени од неговиот изглед и харизма. Сепак ,,Фокус“ открива дека Маркоски е среќно вљубен, и тоа во Ана – Марија, ќерка на поранешниот фудбалер и член на Македонската фудбалска репрезентација Саша Ќириќ. Саша не го крие задоволството од изборот на неговата ќерка и вели дека им ја дава својата целосна поддршка на младите.
,,Генерално, јас настојувам да не се мешам во изборот на моите деца, затоа што тие се оние кои ќе живеат заедно со своите идни партнери. Ана-Марија во Кире има млад човек кој веќе со 21 година цврсто и самоуверено чекори низ животот. Драго ми е кога гледам дека се на иста бранова должина и секогаш разговараат и наоѓаат решенија за предизвиците што им ги носи секојдневниот живот. Инаку, со Кире се уште немаме играно фудбал заедно затоа што пред се, јас поради повреда што ја ,,влечам,, од минатото не сум во состојба да играм, ама наскоро ќе направам хируршки зафат и некаде во блиска иднина ќе се испробаме на зелениот терен. Бидејќи сме доста време заедно со Кире, имаме време и да дискутираме за неговиот стил на игра и за се она што еден млад фудбалер може да го подобри или да се надгради. Некои совети, пред се за поконкретност и поофанзивност во завршницата на напад, вродија со плод и Кире со право е ударната игла и голгетерот на оваа генерација која ни го претвори сонот во јаве и не однесе во завршница на едно големо натпреварување како што е Европско првенство – ни изјави Ќириќ.