ФТ: Падот на просечната плата покажа дека растот во јануари не се должи на зголемувањето на минималната плата, туку на сезонски ефект

by fokus

Институтот за економски анализи „Finance think“  испрати став за движењата на просечната плата, по повод регистрираниот пад во февруари, наспроти растот еден месец претходно за кој од Владата се пофалија дека се должи на успешните економски политики и зголемувањето на минималната плата. Економистите од „Finance think“ велат дека јануарскиот пораст не е последица од промените со минималната плата, туку исклучително сезонски ефект.

„Во февруари 2018, просечната нето плата во Република Македонија забележа значителен пад на месечно ниво од -3.6%, притоа одржувајќи го започнатиот тренд на годишен раст од претходно, од +3.6%. Претходно, во јануари 2018, годишниот раст изнесуваше 5.6%, поради што нето платата за првпат се искачи над 24.000 денари.

Значителниот пораст во јануари и значителниот пад во февруари 2018 година не се за изненадување. Уште при објавувањето на јануарскиот податок за нето платата, Finance Think укажа дека се работи главно за сезонски ефект, којшто се јавува вообичаено поради исплаќањето годишни додатоци на плата, а не се должи на порастот на минималната плата. Доколку се набљудува десезонираниот (долгорочен) тренд на платите (види Слика 1), тогаш тој е недвосмислено растечки, што делумно се должи и на порастот на минималната плата од октомври 2017, но конкретниот пораст на платата во јануари 2018 е во голема мера чист сезонски ефект. Во истата мера, значителниот пад на платата во февруари 2018 е, во голема мера, сезонски ефект (главно, поради пократок месец), и не се должи на потенцијално лоши економски фундаменти.

Притоа, за обележување е дека годишниот раст на платата во периодот јануари-септември 2017 година изнесувал просечно 2.5%, додека во периодот октомври 2017-февруари 2018, 3.7%. Разликата во овие две просечни стапки на пораст може да се припише на порастот на минималната плата. Но, особено е важно, засегнатите страни да не очекуваат дека порастот на минималната плата може драстично да се одрази врз пораст на просечната плата, односно наглиот пораст на просечната нето плата во јануари 2018 во никој случај не можеше да се толкува како последица на порастот на минималната плата.

Според ваквите движења, Finance Think очекува дека просечната нето плата за 2018 година, би се движела околу 24.000 денари.“, велат од таму.

 

Поврзани новости