Форумот на слободоумни патриоти денеска, во име на, како што велат, чесното вмровско членство, го повика Диме Спасов да си поденсе оставка од функцијата и да се повлече од политичкиот живот.
-По вашето лудување во алкохолизирана состојба по скопските улици во кое уништивте државен и приватен имот, ја злоупотребивте вашата функција, сторивте неколку кривични дела, како и вашето непочитување на овластен државен орган во овој момент најмалку што може да направите е да си заминете и да се повлечете од политичкиот живот во Република Македонија.
За нас смешни и неприфатливи се приказните со кои медиумските перјаници на власта се обидуваат да ве амнестираат од криминалното однесување и дивеење по скопските улици. Доколку навистина ве бркале, како што сакаа да прикажат, логично е да појдете во првата полициска станица или на бројот 192 да го пријавите тоа, а не да им бегате на припадниците на МВР, се вели во соопштението на Форумот.
Тие го повикаа Влатко Поповски, директор на Агенција за вработување, да престане да се крие и да излезе и да и објасни на јавноста во какви околности му дозволил на Диме Спасов да вози службено возило и дали постои документација за оправданоста на ваквите негови постапки.