ФРОДЕМ|: Одговорност на виновниците за трагичната поплава

by fokus

ФРОДЕМ ја повикува јавноста но пред се народните пратеници да побараат утврдување на конкретна одговорност на виновниците за трагедијата, а раководствата на партиите на власт конечно да соберат храброст и да излезат од под шинелот на опасната по нацијата колективната неодговорност.

“Мандатот кој е добиен од граѓаните не е бланко, туку дека секојдневно треба да се потврдува. Отсуството на отчетноста значи непочитување на уставниот поредок. Уставот го задолжил Собранието да бара отчет од функционерите во извршната власт. Слаба законодавна власт значи отсуство на индивидуална одговорност и поттикнување на јавашлак”, вели ФРОДЕМ и потсетува дека во македонската плуралистичка историја само еднаш се случи доблесен чин на поднесување неотповиклива оставка (Антонио Пешевски), како морален чин на прифаќање на т.н. објективна одговорност:

“Во два други наврати имавме тактички министерски оставки, кои беа поднесени иако однапред се знаеше дека нема да бидат прифатени. Првата на поранешниот министер за внатрешни работи во врска со атентатот на претседателот Глигоров, втората во врска со потонувањето на преполнетиот брод во Охридското езеро на сега осомничениот по многу основи Јанакиевски”, стои во соопштението.

Според движењето ФРОДЕМ “актуелниот режим, во своето долго владеење, создаде квази-систем на неприфаќање одговорност односно систем на неодговорност. Оваа противуставност за основа го има ирационалното равенство дека грешката на било кој функционер значи грешка на вождот односно на врхушката на режимот”.

Според ФРОДЕМ експертите заклучија дека човечката грешка има голем удел во поплавата:

“ФРОДЕМ во целост ги поддржува заклучоците и ставовите на експертите од кои јасно стана дека лошо или не докрај изведениот проект на заобиколицата, непрочистените канали за кои е платено прочистување, бесправното сечење на шумата на Скопска Црна Гора, но пред се човечкиот фактор односно непрофесионалноста на раководните екипи во УХМР, ЦУК, Дирекцијата за заштита и спасување, ЈП „Македонија пат“, МВР, неодговорните градоначалници на Град Скопје, општина Гази Баба, министерите за земјоделие и шумарство, за заштита на животна средина и просторно планирање и министерот за транспорт и врски, се главните виновници и причина за оваа досега невидена трагедија”, се додава во соопштението.

Поврзани новости