Поплавена совест

by Fokus

Пишува: Наташа СТРУМЕНИКОВСКА 

Парламентот е НАЈВИСОКИОТ законодавен дом на оваа држава и токму таму е секогаш место и време да се бара политичка, морална, кривична и човечка ОДГОВОРНОСТ од власта. Утре, недела 14-ти август, Собранието на Република Македонија, конечно после осум дена од катастрофалните поплави со официјално 22 човечки жртви (неофицијално, двојно повеќе) и огромна материјална штета во скопско, ќе одржи ИТНА седница на Парламентот. А во Македонија, и овојпат никој за ништо не е виновен, нема кој да понесе одговорност.

Јас, како граѓанин на оваа држава, од ова седница очекувам МНОГУ! Улогата на народниот избраник, пратеникот е да ја застапува вољата на народот и да се бори за правата и интересите на граѓаните кои го избрале, да се грижи за нивната сигурност, безбедност, основни елементарни услови за егзистенција и ЖИВОТ.

Е, токму затоа јас утре од моите избраници во Парламентот, очекувам да бараат ОСТАВКИ од оваа власт, да поставуваат прашања, да бараат одговори, да повикуваат на одговорност, да ги бранат интересите на поплавените, на нивните семејства и на семејствата на загинатите, да прашаат каде се парите предвидени за вакви намени.

Ама и да утврдат на што личиме ние како држава пред светот, кога во време на катастрофа, чекаат медиумите и институциите цело едно деноноќие да се врати претседателот на владејачката партија од одмор во Анталија, па после 24 часа да се излезе со прв медиумски настап на екс-премиерот. За тоа шоу нема во оваа прилика да говорам, да не се изнервирам дополнително, а и сите видовте како изгледаше диктирањето по мобилен телефон на невработен екс-премиер пред камерите, додека му наредува на постоечкиот в.д. премиер, го испрашува и го советува што да прави.

КАКО НЕ ВИ Е СРАМ!

А народот во поплавените подрачја во шок, не знаат што ги снашло, закопани во кал, со поплавени домови, со десетици загубени човечки животи, без вода и храна, во агонија и беспомошност моли за помош. И како круна не сето тоа, граѓанинот поорганизиран од државата, наместо институции, војска, Кризни штабови, тоа храбри поединци, волонтери, активисти даваат се од себе и помагаат да се ублажат последиците од поплавата, носејќи вода, храна, лекови, средства за хигиена и ринејќи кал ги чистат домовите поплавени.

Во истовреме, владини претставници и локални шерифи помагаат само по партиски список, делејќи ја помошта селективно, веројатно купувајќи гласови во време на човечка мака. Срамно, жално, нечовечко, нецивилизациско однесување. И кога мислев дека дното е постигнато, нема повеќе од тоа, после седум дена медиумски розеви лаги со опашки и пропаганда од власта, и барање вина во мајката природата, таткото Бог, и клетите душмани со тоа Харпот, доаѓа претставник на ДПМНЕ и се ДРЗНУВА да ја повикува опозицијата да не барала одговорност, за да не собирале политички поени во Парламентот. Види богати! А тие како круши собираат политички поени со медиумската машинерија и со играње со чувствата на настраданите, па дури и кога им носат помош, тоа не се важи.

А кутрите луѓе на цела мака мораат да прашаат од каде се тие што им носат помош, случајно да не им помогне некој што не е нивни. Тага човечка најголема. А што треба да прави опозициски пратеник во парламент, ако не бара одговори и одговорност, да ви аплаудира вас за некадарноста да се носите со ситуацијата, да ве пофали за неисчистените канали и немањето канализација, или да ве моли аман за аман помогнете им на луѓето, еве не знам. Па тоа е ваша ДОЛЖНОСТ, одговорност и задача да го правите во вакви случаи на елементарна непогода која однесе 22 жртви поради ЧОВЕЧКА небрежност која довела до тоа. Па и во Риека наврнало дожд, два и пол пати повеќе од Скопје, па нема НИ ЕДНА човечка жртва.

Калта ќе се исчисти, ама жртвите никој нема да ги врати. Настраданите никогаш повеќе нема да го имаат ни оној скромен живот од претходно, оти водата им ги зеде и домот, и покуќнината, и посевите, и стоката, а нашата негрижа ќе им го земе и ДОСТОИНСТВОТО. Како не ви е срам на медиум да им давате на настраданите по едно најлонче со некоја храна и пакет вода и да ги прашате дали сте ЗАДОВОЛНИ од помошта, и тоа пред камера. Тој живот и душа нема, не знае кој пат да го фати, вие на неговата мака барате среќа и благодарност да искажува тој човек, дека еден ден ќе преживее со нашата помош. А животот, долг е пустиот, со кои пари ќе го живее овој човек со своето семејство секое ново УТРЕ.

ПРЕТЕРАВТЕ СО ДРСКОСТА

И ова не е првпат да се бара од опозицијата да МОЛЧИ, ни ги истепаа и исфрлија од Парламентот опозициските пратеници и новинарите на црниот понеделник, и тогаш да не сме барале одговорност и да не сме собирале политички поени рекоа, па се прекинаа протестите и се вратија пратениците назад во Собранието во име на демократијата што ја нема! Година и половина со Проектот Вистината за Македонија, објавува опозицијата прислушкувани разговори за сите нивни криминали, измами, одмазди кон неистомисленици, тендери и провизии, дури и се обидуваа починат да сокријат, прогон за новинари и политичари, наместени судски случаи, нечовечкност, и пак никому ништо за нив.

Кога повторно се врати опозицијата во Парламентот, и почна преговори пред година дена, пак Договорот од Пржино не се почитува, СЈО не може да си ја работи својата работа од опструкции и партизирано судство, одговорност и судски епилог за никој од власта, повторно нема. Е, сега и за неодговорност политичка за причини кои довеле со човечки жртви при поплава, пак било нецивилизациски да се барало одговорност. Е, ПРЕТЕРАВТЕ со дрскоста, не се трпите повеќе!

Порака за опозициските пратеници. Хуманост и солидарност нека си применуваат на терен активистите, а Вие политичарите имате друга задача! Да се фатите за ум, да ги фатите и за гуша ако треба тие кои треба ОДГОВОРНОСТ да сносат, ама и оние кои се мнозинство да обезбедат ПОМОШ, пари, материјални добра, храна, покуќнина, работа, нови посеви и се што изгубиле настраданите семејства од поплавите, да им се надомести. Оти ако само врнело, од Господ ќе бараа помош, ама за исечени шуми, за неисчистени канали, за немање соодветна канализација, за непланска градба, за неспособни институции да опоменат за невреме, и уште понеспособни за да реагираат навремено во првите мигови после катастрофата- ВЛАСТА е крива. Било која власт на која ова ќе и се случи е ВИНОВНА по сите точки.

И да не заборавите, во последните 18 години, цели 14 години ДПМНЕ е на власт, а СДСМ само четири. Затоа ПРЕСТАНЕТЕ да обвинувате други, и во политичкиот противник да ви е изговорот дека нешто не сте направиле. Не, виновни сте затоа што нѐ задолживте до гуша како народ, а 14 години, наместо да решавате проблеми на народот, правите Дизниленд од главниот град и ја политизиравте и поделивте државата на ВАШИ и НАШИ. Тоа ви е најголемиот грев кој му го сторивте на овај сиромав и напатен народ.

МОИТЕ ПЕТ ПРАШАЊА

Субвенции, по партиска линија, помош- по партиска линија, работа- само со партиска книшка, привилегии и ситни услуги- само по партиски клуч. Е ДОСТА е веќе, уморни сме од вашата искривена слика за розова стварност. Да си поднесете оставки, да престанете да изигрувате недолжни за ништо, да си понесете, морална и човечка одговорност за поплавите, а кривична и партиска одговорност за сите незаконски дејаниа, измами, криминали и изборни нерегуларности, освети кон неистомисленици и еден куп други дубиози, пред законот, судовите и правдата на оваа држава.

Доста како прлици избегнувате разговор за се што не ви оди во прилог, доста од измислени и фабрикувани лаги во медиумите за опозицијата и граѓаните кои не мислат како вас. Време е за ОДГОВОРНОСТ, ОСТАВКИ, ОДГОВОРИ. Македонија е се што имаме. И наша е исто колку што е и ваша, и сите ја сакаме подеднакво. Не ви е само вас оставена во наследство, моите претци ја платиле со крв и со пушка на рамо се бореле за слобода. Мене во 21 век, НИКОЈ правото на збор, на слободно размислување и на граѓанска свест, не може да ми ги земе.

Oваа власт сега бара амнестија од својата политичка одговорност, не било време, и ќе собирала опозицијата политички поени, ако говори за тоа, ви се молам! Убаво вели Петар Гошев за властодршците:” Апашите инстинктивно знаат дека од ваква несреќа и најглупавите можат да ја видат трулоста на државата како продукт на неодговорност, алчност, десетгодишни измами, паради за впечаток, експропријација на слободата и парите на народот; да ја видат одговорноста и фијаското на најновите крвопијци и секако на нашето вкупно морално пропаѓање.”

И на крај би додала за душегрижните, ова е мој ЛИЧЕН став, а не на мојата Партија чиј сум член -СДСМ. Не знам како утре ќе се одвива седницата, ама моите пет прашања очекувам да ги постават до власта и да бараат одговори. Не од екс-премиеротГруевски, туку од оние кои се сега на функција и кои треба да знаат да се носат во вакви ситуации, оти народот ги плаќа за тоа, и од нивната нефункционалност на институциите, но и од непланирањето на приоритетите кога е трошењето на парите од Буџетот во прашање. За да не дојде до тоа наредниот пороен дожд, и дел од Скопје, преку Вардар до Белото море да стигне. Оти тогаш КАСНО ќе биде.

Поврзани новости