По склучениот договор на четирите политички партии и чесници во процесот на преговори за излез од кризата, Фронтот за демкратска Македонија – ФРОДЕМ очекува фер и демократски избори во текот на оваа 2016 година, се вели во денешното соопштение. Нивната реакција ја пуштаме интегрално:
„Изборите се единствена разрешница на тешката политичка и опшетествена криза која длабоко навлезе во втората година. Токму поради ова ФРОДЕМ ги поздравува конкретните чекори и рокови кои треба да се преземат за создавање демократски избори и очекува на 31 август да се донесе одлука за предвремени парламентарни избори. Четирите партии и нивните лидери кои учествуваа во преговорите имаат огромна одговорност. Почитувањето на договореното има поголема важност од било што друго. Тие сега одлучуваат во името на сите граѓани, иако сите граѓани не гласале за нив. Затоа нивната одговорност ги надминува рамките и на политичката и на кривично-правната одговорност.
ФРОДЕМ констатира дека одамна е потрошена довербата за водење политички дијалог во четири очи. Таквиот дијалог во демократскиот свет не води кон унапредување и прогрес на општетсвото. Во Република Македонија нема транспарентен дијалог, туку има преговори и натегања за враќање на суспендираните вредности на уставниот поредок и спас од казната за стореното зло и направен криминал. Затоа државата и граѓаните не смеат да бидат заложници на ничие партиско и лично манипулирање и лажење. Пролонгирањето на долгата криза лесно може да доведе до дестабилизрање на државата.
Апелираме до сите надлежни институции, а пред се до ОЈО да поведат сметка и да не дозволат и понатаму фамилијата на власт времето до предвремените парламентарни избори и понатаму да го користи за непречно дополнително богатење преку нелегални и криминални активности. Премолучувањето и дозволувањето на вакви активности значи соучесништво за кое се одговара.
ФРОДЕМ ги поздравува дополнителните гаранции за непреченото работење на Специјалното јавно обвинителство. Владеењето на правото не смее да биде предмет на преговарање, манипулација и натегања. Секој кој ја попречува правдата или прави обид за злоупотреба на судството треба драконски да биде казнет. Тоа ќе се случи во секој случај, порано или подоцна.“