СДСМ од денеска се враќа во Собранието

by Fokus

Опозицискиот СДСМ од денеска се враќа повторно во Собранието, откако пред неколку дена беше постигнат нов договор меѓу четирите политички партии. Претходно, тие неколку недели го бојкотира законодавниот дом и не учствуваа во работата на собраниските работни тела.

Денеска во Собранието треба да бидат изгласани законските измени на Изборниот законик што произлегуваат од меѓупартискиот договор. Законските измени се уште не се влезени во собраниска процедура и не се доставени до пратениците, според неофицијалните информации тоа ќе се случи попладне.

Според договорот измените треба да ги изготви Министерството за правда и да ги достави во Собранието. Претпладне координаторите на пратеничките групи треба да имаат координација со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

Инаку согласно договорот денеска е последниот рок за да се изгласаат овие измени на Изборниот законик.

Во Изборниот законик треба да се внесат измените кои се однесуваат на Избирачкиот список, вклучително и можноста Државната изборна комисија да ги брише оние гласачи од списокот што нема да се пријават во предвидениот рок. Според партискиот договор рок за пријавување ќе биде даден на 39.502 лица кои се сметаат за спорни.

Во измените треба да биде предвидено и ад хок телото за контрола на медиумите, кое ќе ја контролира нивната работа 100 дена пред изборите.

Во Изборниот законик треба да се предвиди и тоа дека доколку изборите се одржат во 2016 година новата Влада согласно Договорот од Пржино ќе биде изгласана во Собранието 100 дена пред денот на изборите.

Поврзани новости